Home Рецепти ПОСЕН КОЛАЧ ОД ТЕТРАТКАТА НА МАЈКА МИ: Највкусниот посен колач што некогаш...

ПОСЕН КОЛАЧ ОД ТЕТРАТКАТА НА МАЈКА МИ: Највкусниот посен колач што некогаш сте го пробале

Рецептот на Валентина Машковиќ ме воодушеви кога го објави на нејзиниот канал. Станува збор за еден старински, посен колач кој се подготвува за кратко време, а многу е кремаст и сочен. Многу одамна го правев често и со текот на времето како да го подзаборавив, а сега повторно се сетив на него.




Валентина вели дека доаѓа од тетратката на мајка си, која содржи многу стари и вкусни рецепти кои се безвременски. Веднаш си го запишав рецептот, а најубаво е и вие тоа да си го направите, бидејќи ваков колач не се пропушта, секогаш е добар избор за посните денови, но и кога не се пости. Еве што ви е потребно за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА БИСКВИТ: 400 мл газирана вода, 13-14 лажици шеќер, 13-14 лажици брашно, 4 лажици масло, 100 г посен бисквит/плазма, 5 лажици мелени ореви, 1 лажица сода бикарбона, 1 кесичка од 5 г цимет, 300 г џем по ваш избор, 2 лажици какао, 200 мл сок за натопување на кората.

ЗА КРЕМ: 125 г посен маргарин, 100 г шеќер во прав, 100 г стопено чоколадо, 200 г посен бисквит/плазма, 100 г мелени ореви, 200 мл сок од портокал. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 4 лажици масло, 100 г мелени јатки за декорација.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад сипете 300 мл газирана вода (околу 1 и пол чаша од 200 мл), додајте 13-14 лажици шеќер, а можете и помалку доколку ви е многу. Шеќерот промешајте го во водата, па додајте иста количина на брашно, околу 13-14 лажици. Додајте 4 лажици масло, па повторно промешајте ги нежно состојките со лажица.




Јас овојпат малку го изменив рецептот и додадов 100 г посна плазма, наместо посни бисквити. Потоа, додајте 5 лажици мелени ореви, 1 лажица сода бикарбона и 1 кесичка цимет. Преостанатата газирана вода (околу 100 мл) додајте ја во џемот, најдобро е да биде домашен.




Малку промешајте додека да се разреди, па додајте го џемот со водата заедно во смесата од останатите состојки. Измешајте ги состојките, па на крајот додајте уште 2 лажици какао. Соединете ја смесата додека да стане еднолична и да нема поголеми грутчиња од сувите состојки.

Вака подготвената смеса излејте ја во намастен и набрашнет калап со димензии 25х35 см, рамномерно распоредете ја и печете во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 25 минути. Во меѓувреме, додека бисквитот се пече, подгответе го кремот:




ЗА КРЕМОТ: Омекнатиот маргарин на собна температура измешајте го со 100 г шеќер во прав и измиксајте ги состојките неколку минути. Додајте 100 г растопено чоколадо (посно) и 200 г мелена плазма, па повторно измиксајте до соединување. На крајот во кремот додајте 100 г мелени ореви и 200 мл сок од портокал, па повторно соединете во едноличен крем.




ФИЛУВАЊЕ: Испечената кора проверете дали е испечена со помош на чепкалка, па избоцкајте ја на неколку места и прелијте ја со 200 мл газиран сок (најубаво да е од портокал). Оставете сокот да впие неколку минути во бисквитот, па прелијте со кремот кој го подготвивте и добро израмнете го.




Врз кремот прелијте ја чоколадната глазура која сте ја направиле на пареа со соединување на 100 г посно чоколадо и 4 лажици масло. Преку глазурата, наросете го колачот со јатки (мелени ореви) и ставете го во фрижидер да се стегне неколку часа. Пред послужување, колачот се сече на коцки. Деталите може да ги погледнете ОВДЕ.