Овој посен колач без капка масло е погоден за постот на вода. Иако нема масло, колачот е вкусен и сочен, мек и мирисен. Треба да го пробате. Многу ќе ви се допадне, ќе си го правите и во деновите кога не се пости бидејќи е здрав и полн со нутритивни намирници. Во продолжение прочитајте го и вториот рецепт, за оние што не постат. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 3 банани, 2 јаболка, 4-5 лажици суво грозје, натопени претходно во вода, 1 портокал – ситно рендана кора и сок, 10 лажици мелени овесни снегулки, 10 лажици бело брашно.

И УШТЕ ЌЕ ВИ БИДЕ ПОТРЕБНО: 1 ванилин шеќер, 1 прашок за печиво, 1 лажичка сода бикарбона, малку цимет (по вкус), 1 лажичка оцет (јаболкова, винска киселина), 2-3 лажици какао, 350 мл вода, 4-5 лажици шеќер, 2-3 лажици гриз, шеќер во прав за наросување.




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 јајце, 200 г шеќер, 100 мл млеко, 200 мл масло, 2 рендани јаболка, 170 г гриз, 200 г брашном 1 лажичка прашок за печиво, 1 лажичка цимет. ЗА ГЛАЗУРА: 4 лажици шеќер, 4 лажици масло, 4 лажици млеко.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во еден сад измешајте ги сувите состојки: 10 лажици мелени овесни снегулки (или овесно брашно), 10 лажици бело брашно, прстофат цимет (по вкус), 1 прашок за печиво, 1 ванилин шеќер и 3 лажици гриз. Може да додадете и 4-5 лажици мелени ореви (во колачот нема).




Потоа соединете ги влажните состојки така што ќе испасирајте 3 големи банани, суво грозје претходно натопено во вода и исцедено, една лажичка оцет, две големи јаболка изрендани и рендана кора од еден портокал. Состојките измешајте ги со лажица да се соединат.




Потоа постепено влажните состојки додајте ги во сувите, убаво промешајте и на крај додајте четири лажици шеќер. Мешајте и постепено додавајте вода, во зависност од влажноста на бананите и јаболката. На крај додајте какао во прав и промешајте да се изедначи смесата.




Помала тепсија обложете ја со хартија за печење, па излејте ја во неа смесата и израмнете. Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 25-30 минути. Печениот колач извадете го од рерна и додека е топол рамномерно полијте го со исцеден сок од еден портокал.




Оставете колачот да излади, па сечете го на коцки и наросете го со шеќер во прав. Секоја коцка можете да ја декорирате со парче мандарина или портокал. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ, а во продолжение прочитајте го и вториот рецепт кој можеби уште повеќе ќе ви се допадне:




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Во еден подлабок сад скрешете го јајцето, па додајте 200 г шеќер. Започнете да матите со миксер додека смесата да го зголеми својот волумен и да стане пенаста. Потоа додајте го млекото и продолжете да матите со миксерот.

Додајте масло, рендани јаболки без лушпи, гризот (семолина), брашното, прашокот за печиво и циметот. Продолжете да матите со миксерот додека сите состојки подеднакво да се соединат, а смесата да биде нешто погуста од онаа за палачинки.




Доколку е потребно, колачот може да се измеша и со лажица за смесата да биде покомпактна. Во еден плех со стандардна големина, обложете хартија за печење и излејте ја смесата за колачот. Колачот се израмнува и се става на печење.

Печете во претходно загреана рерна на 170 степени, околу 20 минути. Во меѓувреме подгответе ја глазурата на вообичаен начин: чоколадото се крши на коцки, се додава млекото, маслото, шеќерот и на рингла се растопува.

Кога кората на колачот ќе се испече, се избоцкува со чепкалка и одозгора се прелива со чоколадната глазура. Потоа колачот се сече на коцки и веднаш се послужува бидејќи никој не може да одолее на него. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.