Рецепт на Jeлена од Бакина Кујна. Полнети пиперки со сирење. Многу вкусен и лесен оброк кој се подготвува за кратко време. Најчесто пиперките ги полниме со мелено месо и ориз, но тој оброк најчесто потсетува на зимските празници.

Ова е еден поразличен начин на подготовка на пиперките. Вака досега не ви текнало да ги наполните, а многу се вкусни, совршени за лето, лесен оброк кој се подготвува за брзо време. Секогаш кога ги подготвувам овие пиперки, правам и некоја чорба.

Потребни состојки: 250 – 300 г сирење (фета или некое по желба), 7 помали пиперки, 1 јајце, 2 лажички гриз, 3 лажички сечкано сувомеснато (може шунка), 2 лажички сечкани маслинки, малку масло, 1 домат, може и малку зготвен домат, 1 лажичка павлака, 2 – 3 чешниња лук. Други потребни состојки: сол, црн пипер, босилек, копар, магдонос..

Постапка: Претходно рерната треба да се загрее на 200 степени околу 30 минути пред да ставите пиперките да се печат. Во зависност од тоа какво сирење користите, според тоа прилагодете ја количината на сол.. Не заборавајте дека и сувомеснатото може да пушти од солта во пиперките.

Наместо копар може да користите и рузмарин или босилек. Во еден подлабок сад издробете го сирењето, а потоа во него додајте и 1 јајце, па добро промешајте. Потоа додајте 3 – 4 лажички ситно сечкано сувомеснато. Може и мешано да користите.

Додајте ги и маслинките, количината одредете ја вие. Во некои рецепти се додава и печурки како замена за месо, но и на овој начин пиперките се многу вкусни. Сета смеса добро промешајте ја и соединете ја добро.

На крајот додајте гриз и 1 лажичка павлака. Добро соединете, па зачинете по вкус. Се додава и ситно сечканиот лук. Со добиената смеса се полни секоја од пиперките и се редат во претходно намастена тава. Секоја пиперка се затвора со парче домат.

Доколку ви преостане од смесата, дополнете ги пиперките или ставете повеќе пиперки. Оваа количина е доволна за еден обилен ручек. Преостанатите домати се редат околу пиперките во тавата, а потоа намастувам со уште малку масло одозгора.

Доколку сте зготвиле доматен сос, прелијте го врз пиперките пред да ги ставите на печење, но овој процес не е неопходен. Пиперките се печат во претходно загреана рерна околу 45 – 50 минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ: Посни полнети пиперки без месо, вакви досега не сте јаделе. 

Рецепт на Кујната на Тања – Полнети пиперки без месо. Јадењето без месо, вака приготвено и многу вкусно е идеално за луѓе кои се на диета, вегетаријанци или вегани, но уште подобро во летните денови да не користите многу месо, покрај тоа што не се знае од каде е набавено, сепак треба да се јаде нешто полесно во овој жежок период.

Посната полнета пиперка со зеленчук, тиквички, компир, морков и ориз е одличен избор за главен оброк доколку сте на пост или диета. Пиперките се многу вкусни, а пред сè здрави, бидејќи изобилуваат со мноштво хранливи нутриенти, неопходни за летниот период.

Потребни состојки: 12 пиперки, 3 поголеми домати, 2 главици кромид, 1 компир, 3 моркови, 2 тиквички со средна величина, 50 г ориз, малку зачин Ц или вегета (сув зеленчуков зачин по избор), слатка црвена мелена пиперка и црн мелен пипер.

Постапка: Пиперките убаво измијте ги под млаз ладна вода, исцедете ги и исчистете ги од семето. Кромидот излупете го и ситно исечкајте го на коцки. Доматите измијте ги, па ставете ги кратко и наизменично во жешка, па во ладна вода за полесно да ги излупите.

Оваа постапка може да ја прескокнете доколку не ви пречи лушпата на доматот. Останатиот зеленчук добро измијте го со ладна вода, па излупете го. Потоа изрендајте ги тиквичките, морковите и кромидот, а кромидот ставете го да се динста на тивок оган со малку масло за готвење додека да омекне и кристализира.

Потоа во пржениот кромид додајте го ренданиот зеленчук и промешајте. Најдобро би било сето ова да го направите во некое поголемо и подлабоко тенџере за да можете добро да ја промешате содржината без да ви се истури. Во тенџерето додајте и околу 100 – 150 мл вода, колку да не загори на дното.

Кога зеленчукот ќе се пропржи и ќе омекне, додајте го претходно измиениот ориз, па зачинете со две лажици сув зеленчуков зачин, една лажичка црн пипер во прав, две лажици црвена слатка зачинска пиперка во прав и зачини по ваш вкус. Промешајте добро.

Откако ќе ја изедначите смесата со зеленчукот и зачините, започнете да ги полните пиперките. Редете ги во соодветен длабок и огноотпорен сад. Полнетите пиперки затворајте ги со парчиња исечен домат. Парчињата домат можете да наредите и помеѓу пиперките.

Доколку ви преостане од смесата, исто така, можете да ја рапспоредите помеѓу полнетите пиперки. Прелијте ги пиперките со 1,5 литар вода или колку да ги прекрие пиперките. Ставете го садот на рингла и загревајте додека да зоврие.

Од моментот кога јадењето ќе зоврие, гответе ги 20 минути. По изминатото време, јадењето зачинете го уште малку со 1 – 2 лажички сув зачин или по вкус, половина лажичка црн пипер исто така по вкус.

Вклучете ја рерната да се загрее на 250 степени, наросете ги пиперките одозгора со ситно сечкан магдонос, па потоа ставете ги да се печат околу 15-тина минути. Деталите од целата постапка погледнете ги во видеото ОВДЕ.