Рецепт и видео презентација на Мама Роуз од нејзината домашна кујна – “Полнети пиперки на мексикански начин”. Во нашата земја традиционално се јадат полнети пиперки, вообичаено со мешавина од мелено месо и ориз, со разни други додатоци. Но, мора да го пробате и мексиканскиот начин, навистина ќе ве воодушеви!

Потребни состојки: 3 бабури пиперки, 220 г мелено телешко месо, 1 главица кромид (средна величина), 50 г варен црвен грав (може од конзерва), 50 г варена пченка, 100 г варен ориз, 50 г доматен сос, 100 г рендан кашкавал, 1 пакетче тако зачини, сол и црн пипер по вкус.

Постапка: Пиперките убаво измијте ги, исцедете ги, па исчистете ги од семките. Кромидот добро исчистете го, па исечкајте го на ситни коцкички. Во тава загрејте малку маслиново масло, па пропржете го сечканиот кромид додека тој да омекне и застакли.

Посолете го со прстофат сол, па додадете му го меленото месо и промешајте за да се изедначат. Во месото додадете го “тако” зачинот, кој можете да го најдете во речиси секој маркет, околу една супена лажица. Промешајте ги состојките за рамномерно да го примат зачинат.

Во запрженото месо додадете ја пченката претходно сварена и исцедена, а може да ја користите и онаа од конзерва (процедена и исплакнета). Исто така додадете го и црвениот грав, кој исто може да го искористите оној од конзерва. Ако го варите важно е да не биде преварен.

Се додава и оризот кој претходно сте го измиле убаво во ладна вода и сте го свариле додека зрното му омекне, но внимавајте да не го преварите за да не стане кашест. Промешајте ги убаво сите додадени состојки за да изедначат и рамномерно да ги примат вкусовите.

Потоа додадете го доматниот сос или пире, промешајте уште малку, па на крај додадете го ренданиот кашкавал. Кога вака приготвеното месо е готово, исклучете го од огнот и започнете со полнење на пиперките. Во овој случај користиме пиперки бабури.

Со помала лажичка внимателно полнете ги пиперките речиси до врвот, но оставете еден-два прста празнина за да ги дополните со рендан кашкавал. Вака полнетите пиперки затворајте ги со сопственото “капаче”, односно со внимателно отстранетата дршка.

Приготвените пиперки наредете ги во огноотпорен сад или плех во кој ќе ги печете, претходно малку намастен, па одозгора уште малку наросете ги со маслиново или сончогледово масло за готвење. Додадете и малку вода, приближно една чаша, во зависност од количината.

Вода не треба премногу да се става, како кога се приготвуваат пиперките со несварен ориз, бидејќи во овој случај сите состојки се веќе сварени и зготвени, потребно е само дното да не е суво додека пиперките се потпекуваат за уште подобро да се поврзат вкусовите и да се растопи кашкавалот.

На крај садот покријте го со капак или завиткајте го со алуминиумска фолија и ставете да се пече во загрена рерна на 175 степени околу 35 минути. Пред крајот на печењето можете да го извадите капакот или да ја тргнете фолијата за да се запечат пиперките уште 5-10 минути.

Кога јадењето е готово извадете го садот од рерна и оставете малку да се подизлади пред да ги послужите пиперките. Послужете ги топли. Тие се толку сочни и со пребогат вкус, што сигурно ќе ви се допаднат. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.