Полнети чупавци: Не знам како е кај вас, ама кај нас се изедуваат веднаш, толку труд и одеднаш пуф-ги нема

Не знам како е кај вас, ама кај нас чупавците се изедуваат додека да трепнеш. Толку труд и после само пуф, ги нема.

Некогаш жал ме фаќа, колку само ги “боцкав” и на крај за 10 минути ги нема. А сега особено уште побрзо ги снемува, затоа што се полнети, поточно посочни, бидејќи се пресечени и намачкани со преливот во кој досега само надворешно се натопуваа.

Потребни состојки:

6 јајца
200 г шеќер
190 г брашно
1 прашок за печиво
1 прстофат сол
1 лажица екстракт од ванила (по желба)

за прелив:

Loading...

180 мл млеко
200 г шеќер
40 г маргарин/путер
170 г чоколадо за готвење
150 г кокос
3 лажици вода (по потреба)

Постапка:

Не е потребно да се одвојуваат белките од жолчките, туку изматете ги заедно. Миксајте пет минути, додадете прстофат сол и шеќер, па продолжете со матење уште 5 минути. Во текот на матењето додадете го екстрактот од ванила.

Додадете брашно и прашок за печиво, па внимателно промешајте и соединете со лажица.

Загрејте ја рерната на 180 степени, па смесата излејте ја во намастен и набрашнет плех со димензии 25х25 см (или 23х23 см) и печете околу 20 минути.

Не користете поголем плех, бидејќи колачот треба да излезе висок за да може да се сече на половина.

Печениот бисквит оставете го да излади, па пресечете го хоризонтално да добиете две тенки кори.

На оган ставете млеко, шеќер и путер, па кога ќе зоврие тргнете го садот на страна и додадете чоколадо искршено на коцки. Мешајте додека да се растопи и соедини со смесата.

Со оваа смеса премачкајте ги корите, двете. Пресечената кора отворете ја како книга, па внатрешните страни премачкајте ги и повторно поклопете.

Исечете на коцки, прво на половина, па во крст, па секој квадрат уште еднаш на крст. Или сечете по желба, јас ги сакам поситни.

Секоја коцка натопете ја во преливот. Ако ви е прегуст тогаш додадете 3 лажици врела вода. После натопувањето на коцките, валкајте ги во кокос и редете ги врз тацна за послужување.

Полнетите чупавци може да се послужат веднаш.

Recepti.com

Loading...