Рецепт и видео презентација на Домашни рецепти – Погачици со сирење. Извонредно лиснато тесто за погачици со сирење, направено трипати побрзо отколку што се прави вообичаено. Нема чекање да се стаса и да се активира квасецот, нема чекање да стаса тестото.

Сè се прави одеднаш и набрзина, а резултатот е и повеќе од одличен. Пробајте! за да ги приготвите овие брзи погачици со сирење, ќе ви бидат потребни следните состојки: 300 мл млеко, 200 мл вода, 100 мл масло, 1 лажица шеќер, 1 лажица сол, 40 г свеж квасец.

Уште ќе ви бидат потребни и 250 г маргарин или путер, 500 г ситно сирење, 1 кг брашно и една жолчка (опционо). Еве како се приготвува тестото: Во топло млеко додадете топла вода и здробете го свежиот квасец. Потоа додадете го шеќерот и промешајте.

Кога шеќерот и квасецот целосно ќе се растворат и ќе добиете еднолична течност, во неа додадете половина од брашното. Посолете со една лажица сол, и додадете го речиси целото масло (оставете на страна две лажици) и уште две полни лажици сирење.

Убаво промешајте ги сите состојки додека да се изедначат во еднолична смеса без грутчиња, па започнете постепено да го додавате и остатокот од брашното. На почетокот можете да мешате со лажица, но на крај убаво замесете го тестото со рака.

Тестото треба да биде ни претврдо, ни премеко, но не смее ниту да се лепи на рака. Кога убаво ќе го измесите, тестото прелијте го со оние две лажици масло кои ги оставивте претходно на страна. Уште малку измесете го колку да го прими маслото и измазни.

Оставете го кратко да отстои колку да го приготвите сирењето и маргаринот. Вкусете го сирењето, па доколку не е солено, додадете му уште малку сол, по вкус. Издробете го и промешајте го. Тестото веднаш развлечете го на малку набрашнета работна површина.

Развлечете го со помош на оклагија, а треба да добиете што потенка и што поголема кора со облик на правоаголник или квадрат. Врз половина од кората изрендајте маргарин, па преклопете. Потоа повторно на половина изрендајте го преостанатиот маргарин и повторно преклопете.

Развлечете го повторно тестото и преклопете го од левата страна кон десната на 1/3, па десната страна преку левата на третина. Вака добиената лента исто така преклопете ја на три дела. Притискајте со оклагијата а не валајте, за да не истекува маргаринот од страните.

Кога тестото доволно ќе се развлече, тогаш можете и да валате со оклагијата за да добиете малку поголема кора. Потоа, врз половината од тестото ставете сирење и рамномерно распоредете го. Преклопете го тестото и тенко исечете ги краевите за да се израмни.

Потоа можете да сечете правоаголници, помали или поголеми по ваша желба, па редете ги во намастен плех. Одозгора премачкјате ги со разматена жолчка, посолете уште малку одозгора (може да наросите и сусам), па вклучете ја рерната добро да се загрее на 200 степени.

Погачите нека отстојат додека рерната се загрева, а потоа ставете ги да се печат околу 20 минути. печењето може да варира во зависност од вашата рерна. Сите детали околу постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.