Погачата навистина е преубава, нежна со едноставна постапка, а се добива еден декоративен и привлечен изглед на кој не можете да му одолеете.

Рецептот е на Николинка Касап, а го испроба нашата драга членка Андријана Дучевска во групата НМД рецепти. Постапката е едноставна, се замесува средно меко тесто кое не треба да лепи на рака.

Погача за среќа – фото Андријана Дучевска

Откако ќе стаса се дели на 8 топчиња. Секое топче се развлекува во кора, а секоја кора се сече на лентички од едната половина како за “лампиони”. Се поклопува со несечената страна, се филува со сирење и се дипли на двапати за да се добие триаголник.

Погача за среќа – фото Николинка Касап

Осумте триаголници се редат во триаголнеста тепсија за да се формира погачата. Се покрива и остава да стаса, па се премачкува со јајце и се пече. Состојките кои се наведени се за основниот рецепт, а Николинка погачата ја има приготвено во двојна доза за тепсија бр.34.

Вие според потребите пригответе ја основната или двојната доза (само дуплирајте ги состојките). За приготвување на тестото за оваа погача, вам ќе ви бидат потребни следните состојки: 1 коцка свеж квасец (40 г) или една кесичка сув квасец, 100 мл млака вода, 100 мл млако млеко, 1 јајце на собна температура, 1 лажичка сол, 1 лажичка шеќер за да се активира квасецот.

Се додава и една лажичка шеќер во тестото, 50 мл растопен путер, 50 мл масло, 550 г брашно и уште малку за наросување и домесување на тестото. Филот можете да го приготвите според ваша желба или од она што имате, но не пропуштајте да го пробате и според рецептот на Николинка, бидејќи се добива необично добар вкус.

Еве кои состојки ќе ви бидат потребни за филот: 100 г ситно, дробено сирење и 200 г рендан кашкавал. Нема потреба да додавате јајце за да се поврзе филот, бидејќи кашкавалот при печењето ќе си ослободи сопствена маснотија и дополнително ќе го омекне тестото.

На крај стасаната погача се премачкува со изматено јајце со малку млеко или кисело млеко и се наросува со сусам или семки по ваша желба. Постапка: Квасецот издробете го малку млако млеко со лажичка шеќер и лажица брашно. Промешајте да нема грутчиња и да добиете изедначена смеса.

Оставете го квасецот 10-тина минути на топло место додека да се активира и запени. Во подлабок сад ставете го јајцето претходно оставено на собна температура, па додадете сол шеќер, млака вода и остатокот од млакото млеко. Путерот заедно со маслото растопете го и кога ќе биде млак додадете го и него во течните состојки.

Со жица разматете за да се соединат состојките и да се растопи шеќерот. Додадете половина од предвидената количина на брашното, па убаво изматете со жицата додека да се измешаат сите состојки и да се изедначи смесата без грутчиња. Потоа постепено додадавајте уште брашно и замесете го тестото со рака.

Погача за среќа – фото Андријана Дучевска

Кога ќе започне да се одвојува од ѕидовите на садот, изтресете го тестото врз набрашнета работна површина и продолжете да го месите уште околу 5 минути додека да стане еластично, меко, а да не се лепи на раце (проверете го со прстите, кога ќе ги притиснете во тестото, тоа треба да се враќа назад).

Вака измесеното тесто вратете го во садот, покријте го со крпа и оставете го на топло место да стасува околу 40 минути или додека да го удвои својот волумен. Додека стасува тестото вие пригответе го филот: Сирењето ситно издробете со рака, а кашкавалот изрендајте го (од крупната страна на рендето).

Потоа, повторно со раце, фино измешајте ги сирењето и кашкавалот додека рамномерно се изедначат. По вкус посолете ако сирењето не е солено. Стасаното тесто истресете го повторно врз работна површина и без многу гмечење, формирајте долгнавест валјак за да можете полесно да го поделите на 8 еднакви делови.

Од секој дел формирајте топче. Секое топче со помош на оглагија развлечете го во долгнавеста овална тенка кора (со дебелина од приближно 5 мм). Едната половина од кората исечете ја на лентички, но не од почеток до крај, туку од краевите оставете со широчина од еден прст (погледни фото).

Со втората половина од кората поклопете ја сечената страна. На средината од вака преклопената кора ставете една голема лажица фил. Сега тестото преклопете го преку сирењето до едниот агол, па и од другата страна до другиот агол, така што да добиете триаголник.

Секоја од ивиците убаво притиснете ја со прстите за да се затвори тестото. Ова е важно за да не истекува филот подоцна кога ќе се пече погачата. Секој од овие триаголници редете ги во круг во тепсијата свртени со широкиот дел кон ѕидот на тепсијата, а остриот агол кон средината.

Вака приготвената погача покријте ја со кујнска крпа и оставете ја на топло да стасува 20 минути. За тоа време изматете една жолчка од јајце со една лажица млеко. Со силиконска четка премачкјате ја погачата преку цела површина а со сусам наросете по желба. Јас наросив по средината и по краевите на погачата.

Ставете да се пече во добро загреана рерна на 180 степени околу половина час. Печената погача извадете ја од рерна, покријте ја со кујнска крпа и оставете неколку минути да подизлади, па послужете ја. Овој рецепт е за помал плех, а јас месев двојна мера и користев плех со величина 34 см. Пријано ви посакува Николинка со оваа погача за среќа.

Погача за среќа – фото Андријана Дучевска