ПОГАЧА СО 1 ЛАЖИЦА БРАШНО: Изматете и излејте и испечете, за 30 минути можете да ја јадете

Обично погачите се замесуваат со брашно во кое се додаваат уште неколку состојки, но оваа погача се приготвува со само една супена лажица брашно. Многу е вкусна и лесна за приготвување, секој може да ја направи.




Состојките се матат со миксер, па немате потреба од рачно месење, а со тоа нема да ви се извалка масата ниту подот од разлетаното брашно. Погачата излегува многу вкусна и откако еднаш ќе ја пробате, ќе ја правите многу често. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 250 мл млеко, 1 супена лажица брашно, 16 г прашок за печиво (1,5 кесичка), 10 г путер и 100 г фета сирење. Од зачини: сол, црн пипер во прав и зачинска црвена пиперка по вкус.




ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете шест јајца и пенасто изматете ги со миксер. Матете ги неколку минути додека да згуснат и да го зголемат својот волумен, Потоа додајте 250 мл млеко и помешано брашно (1 лажица) со 16 г прашок за печиво.




Во јајцата додајте и 10 г растопен путер, па продолжете со матењето додека да се изедначат состојките и во смесата да нема грутчиња од брашното. Сто грама фета сирење изрендајте го и додајте го во мешавината од јајца.




Промешајте со лажица или шпатула за да се натопи сирењето, а потоа зачинете со малку мелен црн пипер и црвена зачинка пиперка во прав. Сол додајте по вкус, а доколку сирењето е солено, тогаш нема потреба од солење.




Погачата ќе нарасне во текот на печењето, па затоа најдобро е да користите некој помал, но подлабок огноотпорен сад. Намастете го убаво со малку растопен путер, на дното и ѕидовите, па излејте ја внатре приготвената смеса.




Ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу половина час или додека убаво да зарумени. Потоа извадете ја и оставете малку да подизлади, па внимателно превртете ја врз чинија (а потоа со друга чинија повторно превртете ја). Послужете за појадок или вечера со сезонска салата.

Претходна статијаНАЈУБАВИОТ СНЕГ ОД БЕЛКИ: Една состојка му дава цврстина и уште поубав вкус
Следна статијаПрироден лек за АНЕМИЈА: Многу ми помогна и е многу вкусен, ми го испрати еден пријател