Рецепт и видео прилог на “Да Готвиме Лесно (Kuvajmo Lako) – Погача саќе.

Многу интересна погача со декоративен изглед, а покрај тоа и многу вкусна.

Потребни состојки:

450 г бело брашно Т 400 меко, 200 г пченкарно брашно, 30 г свеж квасец, 150 мл млеко, 150 мл јогурт, 150 мл масло, 1 полна лажичка шеќер, 1 лажичка сол

За фил:

100 г ситно сирење, 50 г сувомеснато, 50 г зелени маслинки или кисели краставички, 1 белка

за премачкување:

1 жолчка + 1 лажица млеко, сусам за наросување

Постапка:

Во подлабок сад измешајте ги двете брашна (200 г пченкарно и 450 г бело брашно), а во друг сад активирајте го квасецот: ставете 30 г свеж издробен квасец, 150 мл млако млеко, 1 полна лажичка шеќер и малку брашно. Промешајте за да се изедначи, па оставете 10-тина минути за да ферментира.

После 10 минути додадете 150 мл јогурт на собна температура, 150 мл масло и 1 лажичка сол. Промешајте, па започнете постепено да го додавате брашното. Ако е потребно додадете уште малку млеко (20-50 мл) за да добиете меко тесто, во зависност од самото брашно.

Мешајте со лажица додека можете, а потоа продолжете со рака. Тестото покријте го и оставете го половина час или колку што му е потребно за да ја удвои својата величина.

Тепсија бр.30 или соодветен калап обложете го со хартија за печење. Стасаното тесто премесете го и поделете го на 19 делови. Од секое парче формирајте топче и малку сплескајте го меѓу дланките.

Првото топче ставете го во центарот на тепсијата, а околу него наредете 6 други, како цвет. Во третиот ред наредете 12 топчиња. Покријте ги и оставете ги 20-25 минути да стасаат уште еднаш. За тоа време пригответе го филот.

За фил: Во подлабок сад измешајте 100 г ситно сирење, 50 г зелени исечкани маслинки или кисели краставички, 50 г ситно исечкано сувомеснато по желба (шунка, печеница) и една белка од јајце. Филот можете да го приготвите и по сопствен избор.

Кога тестото ќе стаса, со “газерот” на помала чаша (ракиена чаша) направете вдлабнувања во тестото, па полнете ги со филот. Бидејќи тестото брзо стасува и дупките полека исчезнуваат, помогнете си со прстите и повторете ги вдлабнувањата, додека сите да ги исполните со фил.

Премачкајте одозгора со изматена жолчка и наросете со сусам. Ставете ја погачата да се пече во загреана рерна на 220 степени и веднаш намалете на 200. Печете околу половина час додека убаво да зарумени. Деталите од постапката може да ги погледнете во видеото: