Лисната-масна погача е неизоставна на повеќето софри за дружење. Сите ја мирисаат, ја душкаат, ја очекуваат, ќе биде или нема да биде на трпезата.

Ја немаааа. Дааај, нема смисла да не ни ја принесеш. И тогаш ги изненадувам, и себеси, секојпат. Бидејќи добивам впечаток, дека секојпат ми е подобра и подобра, и подрага.

Погачата се вика лисната масна, а воопшто не е масна зошто го впива целиот путер и воопшто не се чувствува.

Па, зошто и вие да не се обидете да ги изненадите своите гости?

Потребни состојки:

1 кг брашно
200 мл млеко
300 мл јогурт
1 полна супена лажица сув квасец
1 лажица сол
½ лажичка шеќер
100 мл млака вода
масло
100 г путер
се користи тепсија со пречник 28 см.

Постапка:

Млекото загрејте со половина лажичка шеќер и во него додадете го квасецот. Промешајте и оставете квасецот да се активира.

Во садот со брашното додадете една супена лажица сол и промешајте. Потоа додадете го млекото со активираниот квасец. Додадете го и јогуртот на собна температура.

Тестото прво измешајте го со лажица за да се соединат состојките, а потоа замесете го со раце. Ако затреба, по потреба, додека месите, додадете малку млака вода (околу 100 мл, тоа зависи многу од самото брашно).

Тестото треба да биде средно меко, ниту премногу меко, но не смее да биде ниту тврдо. Месете додека да започне да се одлепува од прстите (кога ќе го допрете да не се лепи – погледни видео).

Тестото оставете го во садот, одозгора покријте го со проѕирна фолија и оставете го да стасува. Откако ќе стаса еднаш, премесете го, па оставете го да стасува по вторпат.

Потоа од тестото кинете мали парчиња и на добро набрашнета работна површина формирајте топчиња, околу 11 помали и едно тројно поголемо од нив.

Секое од топчињата на набрашнета површина со оклагија развлечете ги колку можете потенко (величина колку поголема чинија). Потоа одозгора премачкајте ја кората со растопен путер и оставете ја на страна, додека ги развлекувате другите кори. Втората кора префрлете ја преку првата и премачкајте ја со путер. Продолжете ја постапката и со останатите топчиња, а само последната кора не ја премачкувајте.

Поголемиот дел од тестото исто така развлечете го во голема тенка кора, па и неа премачкајте ја со путер.

Потоа купот од кори ставете го врз големата кора, премачкајте ја последната и поклопете ја со краевите од големата кора.

Тепсијата убаво намастете ја со малку масло и путер, па во неа ставете ја погачата наопаку. Оставете ја да стасува 10-тина минути, додека се загрева рерната на 200 степени.

Пред печење засечете ја малку (не мора) и премачкајте ја со растопен путер. Ставете ја да се пече околу 20-25 минути, додека убаво да зарумени.

Целата постапка пожете да ја погледнете во видеото: