Динстаната зелка е традиционално јадење кое лесно се подготвува, а многу е вкусно. Ова е основниот рецепт за посно јадење „на лажица“. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 главица зелка (или 2 помали), 1 главица кромид, 2 големи моркови, сол, црн пипер, сува зеленчукова мешавина (вегета), 2 супени лажици црвен пипер, масло (приближно 50 мл), 100-150 мл вода

ПОСТАПКА: Исечете ја зелката на 4 дела и потоа секој дел ситно исечете го како за салата (може и малку покрупно, по желба). Морковот исечете го на тенки прстени.

Кромидот се сече на ситни коцки и се пржи десетина минути додека да омекне и застакли.

Во кромидот додајте половина од зелката, морковите, солта, црниот пипер, вегетата и црвената пиперка и измешајте сè за да се соедини зелката со кромидот.

Потоа кога ќе омекне и ќе се направи простор во тенџерето, додајте го остатокот од зелката, морковите и зачините и повторно измешајте.

Додајте половина чаша вода, поклопете и кога ќе почне да врие, варете со повремено мешање на тивок оган околу 45 минути.

Послужување: јас обично ја послужувам динстаната зелка со пире од компири и динстано месо со моркови и целер. Уште еден рецепт за динстана зелка со видеопрезентација можете да погледнете ОВДЕ.