За подготовка на овој колач ќе ви бидат потребни 5 минути. Сè се меша со маталка, па не треба да вклучувате ниту миксер. Доволно е да имате едно јаболко, а останатите состојки веќе ги имате в кујна. Овој колач е одличен за секој ден, да се сладите со топка сладолед или шолја кафе. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 2 јајца, 1 прстофат сол, 1 кесичка ванилин шеќер (8-10 г), 50 г шеќер, 80 мл растително масло, 80 мл млеко, 180 г брашно, 1 кесичка прашок за печиво (10 г), 1 јаболко, сок од половина лимон, 1 чајна лажичка шеќер, малку цимет во прав

ПОСТАПКА: Во подлабок сад скршете ги двете јајца, додајте прстофат сол, 50 г шеќер и 1 кесичка ванилин шеќер. Изматете со кујнска жица-маталка додека да се изедначат состојките. Сипете 80 мл масло и промешајте.

Потоа сипете 80 мл млеко и повторно промешајте за да се изедначи. Во посебен сад измерете го брашното, додајте една кесичка прашок за печиво и промешајте. Брашното со прашокот за печиво сипете ги во сито.

Малку по малку во неколку наврати додајте го просеаното брашно во смесата со јајца и измешајте додека да стане хомогена и мазна. Тестото за колачот е готово. Земете еден калап за ролати или леб (може и некој друг помал калап), па намастете го и набрашнете го.

Сипете ја целата смеса во калапот и малку протресете и потчукнете го од масата за да се распореди рамномерно и израмни. Јаболкото исечете го на тенки плочки, посипете го со лимонов сок, па набоцкајте го одозгора во тестото.

Поросете малку шеќер и цимет по вкус. Ставете да се пече во загреана рерна на 180 степени приближно 30-35 минути или проверете со чепкалка. Оставете да се олади па извадете го колачот од калапот и послужете го. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.