Оваа плетенка изгледа многу декоративно, одлична е за секоја свечена пригода, за слави или празници. Има толку фантастично добар вкус, што ќе ве потсети на млечниот сладок леб – милиброд. За разлика од милибродот кој е потврд и пополн, оваа плетенка е баш сочна. Тестото е малку помеко и богато е со фил, па поради тоа излегува мека како душа, сочна и превкусна. Повеќе личи на колач. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: ~ 300 г брашно, 1 јајце, 120 мл млеко, 80 г шеќер, 50 г путер, 5 г сув квасец, 8 г ванилин шеќер, сол по вкус, 1 лажица масло. За филот: 200 г афион, 120 г (по вкус) шеќер, 30 г путер, 1 белка. За премачкување: 1 жолчка, 1 лажица млеко, 20 г путер.

ПОСТАПКА: Во едно тенџере ставете 200 г афион, па прелијте одозгора со вода, додека да се потопи целото семе. Измешајте добро, па оставете да кисне во водата 10-15 минути. По отстојувањето, процедете ја валканата вода, па прелијте со нова вода и повторете ја постапката уште два или трипати. 

За ова време, семето ќе набубри и ќе добие влажна конзистентност, како паста. Прелијте со нова, чиста вода и згответе го афионот на среден оган, приближно 30-40 минути. За време на варењето, ќе се формира пена која е потребно да ја извадите со лажица. Потоа, тргнете од оган, па прелијте со ладна вода врз врелата вода.

Веднаш потоа процедете ја водата преку газа, па повторете ја постапката уште два или трипати. Откога афионот ќе се исуши, изблендирајте го со рачен блендер или во сечко. Во измелениот афион додајте 120 г шеќер, 1 белка од јајце и 30 г омекнат путер. Измешајте сѐ со шпатула, додека да се формира еднолична смеса.

За тесто: Во млакото млеко ставете го квасецот и шеќерот, промешајте, па оставете 10-тина минути да се активира на топло место. Во друг сад ставете 1 јајце, 80 г шеќер, 50 г растопен путер, 8 г ванилин шеќер и сол по вкус, па промешајте.

Додајте го активираниот квасец, па убаво промешајте со лажица. Постепено додајте го брашното, па замесете меко тесто. Тестото прелијте го со малку масло и оставете го покриено да стасува околу еден час додека да се удвои. Потоа премесете го на набрашнета работна површина, па развлечете го во правоалголна кора (со дебелина како на сликата).

Врз половина од површината рамномерно нанесете го филот од афион. Добро израмнете го филот, а на празната половина пресечете тенки ленти (18). Сплетете две по две ленти во плетенка, така што ќе добиете 9 плетенчиња. Свиткајте во ролат од страната на филот, така што одозгора ќе бидат плетенките.

Вака приготвената плетенка префрлете ја во плех обложен со хартија за печење. Оставете ја да стасува околу 20 минути или повеќе на топло место, па вклучете ја рерната да се загрее на 180 степени.

Премачкајте ја плетенката со 1 жолчка, млако млеко и растопен путер. Печете 35 минути, додека да зарумени. Деталите погледнете ги ОВДЕ.