Кога ви треба инстант готова торта, со овој рецепт нема да погрешите. Толку многу е вкусна, кората се состои од какао и ореви, а помеѓу неа се премачкуваат 2 филови, едниот со плазма, а другиот со Нутела. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ ЗА КОРА: 4 јајца, 8 лажици шеќер, 100 мл масло, 150 мл млеко, 8 полни лажици брашно (160 г), 2 лажици какао во прав (40 г), 1 кесичка прашок за печиво, 3 лажици мелени ореви, 1 кесичка ванилин шеќер.




ФИЛ 1: 150 г путер или маргарин, 100 г шеќер во прав, 200 г мелена плазма, 250 мл млеко. ФИЛ 2: 250 г крем сирење (маскарпоне или некое друго кремасто сирење), 1 кесичка ванилин шеќер, 180 г Нутела или 3 полни лажици. За наросување: 2 лажици мелени или ситно сечкани ореви.




ПОСТАПКА: Најпрво подгответе ја кората. Во еден сад скршете ги јајцата, додајте го шеќерот и пенасто изматете со миксер до соединување. Како што матите со миксерот, постепено започнете да додавате од маслото, па потоа од млекото.




Во смесата се додаваат следниве состојки просеани низ сито: брашно, какао и прашокот за печиво. Потоа се преминува на мешање со шпатула и се додаваат мелените ореви заедно со ванилиниот шеќер. Уште малку изматете со миксер до соединување во течна, еднолична и мазна смеса.




Плех обложен со хартија за печење со димензии 40х30 см излејте ја смесата и ставете да се пече во претходно загреана рерна на 200 степени околу 20 минути. По печењето, оставете кората малку да се олади, а потоа поделете ја на 3 еднакви делови по должина или ширина, во зависност од тоа дали сакате подолга или поширока торта.




Во меѓувреме подгответе го првиот фил: 150 г путер или маргарин соединете ги со шеќерот во прав и измешајте со виљушка. Потоа со миксер уште малку изматете додека путерот да стане кремаст, па додајте ја мелената плазма и млекото. Млекото додавајте го постепено додека непрекинато матите со миксерот.




Смесата треба да биде компактна и лесно да се размачкува како крем, по неколку минути матење со миксер ќе го добиете овој ефект. Првиот фил се дели на два делови, половина се премачкува врз првата кора, а половина врз втората. Одозгора доаѓа третата кора која треба да ја премачкате со следниот фил:




250 г маскарпоне соединете го со ванилиниот шеќер. Постепено додавајте ја Нутелата и убаво соединете ги сите состојки. Со овој фил се премачкува цела торта, па се става во фрижидер на неколку часа да се олади. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.