Прекрасна пита, често ја правам. Наместо спанаќ може да се користи блитва, коприва, сирење, компир, па дури и мелено месо…она што вашите најмили најмногу го сакаат.  Верзијата со спанаќ на моите им е омилена, па доста често се наоѓа на нашата трпеза.

Рецептот е многупати испробан и секогаш излегува успешно. Без разлика дали ќе ја приготвите во солена или слатка верзија, таа ќе стане една од омилените во вашето семејство. Ќе ве освои и со изгледот, но и со предобриот вкус, пишува НМД.мк

Потребни состојки: 500 г брашно, 250 мл млеко, ½ шолја (50 г) масло, ½ јајце (или едно помалечко), 125 г путер, 1 лажичка шеќер, ½ лажичка сол и 12 г свеж квасец (во оригиналниот рецепт пишуваше сув)

Фил по желба: сирење, спанаќ, пица-фил, динстани печурки… или овошје по избор во кое треба да се додаде шеќер и густин (или презла)

За премачкување: изматено јајце (половината од она што ќе го употребите за тестото, или 1 помалечко), а во него може да додадете една лажичка млеко, јогурт или масло, но може и да не го растворате

ПОСТАПКА: Оригиналниот рецепт содржи 1 кг брашно, 500 мл млеко, 1 мала шолјичка масло, 250 г путер, по една лажичка шеќер и сол и еден сув квасец. Се добиваат 6 пити „машнички“.

(Плетењето во вид на машничка е всушност она што ја прави питата посебна). Правев половина од дадените количини и користев свеж квасец, добив 3 плетенки-машнички, 30 см долги и 11 см широки.

Најпрво квасецот активирајте го со шеќер и малку брашно во млако млеко одвоено од предвидената количина. Промшајте да се растворат состојките и оставете на топло 10-тина минути додека да запени.

Во брашното додајте сол и промешајте, па додајте го активираниот квасец, маслото и јајцето (го изматив, па половина додадов во тестото а остатокот го оставив на страна за премачкување на питата пред печење).

Со млако млеко се замесува тестото. Покријте го и оставете го да стасува додека двојно да го зголеми својот волумен. Нараснатото тесто развлечете го во правоаголна кора и одозгора изрендајте ладен/смрзнат путер. Свиткајте го како ролат.

Веднаш го поделив на три дела (од тестото што го правев со половина мера), го ставив во плех на силиконска подлога, па во голема најлон кеса, ги врзав краевите за да не се суши тестото и го оставив на ладно.

(Во оригиналниот рецепт тестото треба да се свитка во круг, па се дели на 6 помали делови, па дури потоа одмора во фрижидер). Додека тестото одмора се приготвува солениот или сладок фил (мера за една пита):

СОЛЕН ФИЛ: 180 г сирење иситнето со виљушка, 1 јајце и 5-6 сечкани листови блитва. Сето добро се промешува. СЛАДОК ФИЛ: 250 г црешни преполовени (или друго овошје), прелијте ги со 2-3 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер и 2 лажици густин. Сето добро промешајте.

Одмореното тесто развлечете го во правоаголник и на средина нанесете го приготвениот фил. Со остар нож од двете страни засечете го тестото на лентички со 1 см дебелина.

Краевите од тестото преклопете ги преку филот, па со прстите врзувајте ги лентичките во машнички. Кај слатката пита мора да внимавате целиот фил да биде внатре во тестото за да не истекува (мене за малку од една пита ќе ми „избегаше“ растопениот шеќер.

Питата префрлете ја во плех и премачкајте ја со изматено јајце (во оригиналот во јајцето се додава и масло, јас го заборавив). Рерната загрејте ја на 180°C, а за тоа време питата во плехот убаво ќе порасне.

Печете ја питата во загреана рерна околу половина час, односно додека убаво да зарумени (печењето прилагодете го според вашата рерна). Печената пита малку изладете ја, сечете ја на парчиња и послужете ја.

Слатката пита одозгора наросете ја со шеќер во прав. Ќе уживате во нејзиниот вкус, без разлика дали сте приготвиле солена или слатка верзија, а можете и двете одеднаш, зошто да не? / Сoolinarika.com, пишува НМД.мк