Питите се омилени кај Македонците, па така имаме cyкани, тегнети, редени, виткани, лажни, излеани, бурек, ѓеврек пити и уште какви ли не. Овојпат ќе ви откриеме рецепт за т.н. сеченица, една од омилените лиснати пити со сирење, но приготвена на малку поинаков начин. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 3 јајца, 1 чаша вода од 200 мл (да не е полна до врв, 2 прста подолу, односно 175 мл), 2 мали лажички сол, 4 чаши брашно (400 г). ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 100 г путер и 100 мл масло. ЗА ФИЛ: 200 г фета сирење, 100 г урда, 100 г рендан кашкавал/чедар. ЗА ОДОЗГОРА: 3 чаши зовриена вода




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете 175 мл вода, 3 јајца и 2 лажички сол, па добро измешајте со лажица или виљушка додека да се соединат состојките. Потоа започнете постепено да го додавате брашното.

На почетокот мешајте со лажица или шпатула додека да се впијат течностите, а потоа месењето продолжете го со рака. Ова тесто е без квасец па потребно е добро да се измеси, околу 2-3 минути во садот, а потоа истресете го на набрашнета површина и домесете го уште малку.




Не треба премногу да се меси, туку колку да престане да се лепи за рака, да биде средно меко. Веднаш поделете го на два дела, а од секој дел формирајте долга векничка и секоја поделете ја на 5 дела. Обликувајте вкупно 10 топчиња тесто и наредете ги на малку набрашнета површина. Покријте ги со кеса и оставете да одморат 20 минути.




Во меѓувреме растопете 100 г путер и помешајте го со 100 мл масло. За фил измешајте ги трите вида сирење или какво имате, а може да приготвите и фил по ваша желба.

Откако ќе отстои тестото, отворете ги првите пет кори: секое топче целото извалајте го во брашно или скроб/нишесте, па развлечете го во тенка кора.




Намастете тепсија со дијаметар 40 см, па ставете ја првата кора. Намастете ја кората преку цела површина со кујнска четка, па развлечете ја втората кора, на ист начин како и првата. Поставете ја врз првата кора, намастете ја и продолжете ја постапката со останатите теста.




Намастете ја и петтата кора, па врз неа рамномерно распоредете го сиот фил. Потоа продолжете со отворање на следните пет кори, на истиот начин како и првите пет: редете ги една врз друга и секоја намастете ја со мешавината од масло и путер.




Спакувајте ја од страните, па исечете ја на коцки. Премачкајте ја одозгора со маслото, па ставете ја да се пече во загреана рерна на 190 степени додека убаво да зарумени. Кога ќе биде печена залијте ја со три чаши зовриена вода, па вратете ја во рерна да се допече уште 15 минути. Деталите погледнете ги ОВДЕ.