Двобојна пита во која во првиот дел се ставаат лешници, а во вториот дел чоколадо. Ова е совршена слатка со попладневното кафе или чај. Се приготвува доста брзо, се излева и се пече. Единствено што треба е да го подесите печењето според вашата рерна, јас ќе ви напишам како јас ја печев во мојата – Нелика.




Потребни состојки за прво тесто: едно поголемо јајце, 100 г шеќер, 100 г маргарин, 60 г мелени претходно потпечени/(истостирани во сува тава) лешници, 100 г пченично остро брашно.

Потребни состојки за второто тесто: 4 јајца, 100 г шеќер, 150 г маргарин/путер, 100 г чоколадо, 1 лажица пченично остро брашно. За глазура: 60 г маргарин, 100 г чоколадо, 3 лажици млеко




Постапка за приготвување на првото тесто: пенасто изматете го јајцето со постепено додавање на шеќерот додека тој да се растопи и смесата да згусне. Потоа додајте го омекнатиот путер исечкан на ленти, мелените лешници и брашното.




Добиената смеса рамномерно распоредете ја во помал плех со димензии 20х30 см претходно намастен со путер и набрашнето со брашно (вишокот истресете го). Тестото ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 10 минути.




Постапка за приготвување на второто тесто: пенасто изматете ги жолчките со шеќерот додека тој да се растопи, а смесата да побели и згусне, па додајте го путерот претходно омекнат на собна температура и исечкан на ленти.




Во смесата додајте го растопеното чоколадо и брашното, а на крај додајте го цврсто изматениот снег од белки. Снегот од белки додавајте го постепено и мешајте го со лажица со превртување, за остане смесата воздушеста и пенлива.




Врз полупечената прва кора, рамномерно распоредете ја втората смеса и израмнете. температурата на рерната намалете ја на 150 степени, па вратете да се допече чоколадната пита, на околу уште 50-тина минути.




Должината на печењето секако прилагодете го според вашата рерна, денес има разни видови на печки со различна јачина. Потоа подгответе ја глазурата: путерот и чоколадото со додаток од млеко ставете ги во еден сад.




Растопете ги состојките на пареа со постојано мешање. Доколку сакате, наместо чоколадо за готвење може да употребите и некое млечно чоколадо по ваш вкус. Кога глазурата малку ќе се подизлади, прелијте ја врз печениот колач.




Изладениот колач сечете го на коцки или штангли со големина по ваша желба и послужете го како десерт после оброк или со некој пијалак. Совршено одговара со вашето омилено вино, со кафе или чај. Уживајте во неодоливот вкус.




СОВЕТ: во тестото додајте 2-3 лажици млеко за полесно да се распореди во плехот. / Нелика / Сооlinarika.com