Пита која многу лесно и брзо се прави, без оклагија, без тегнење…Многу често ќе ја правите

Фото и рецепт на Верица Николиќ – Пита, која многу брзо се прави.

“Овој рецепт одамна го видов на интернет и оттогаш често го користам”, вели Верица и додава: “Многу лесно се прави, така што младите домаќини/ќи без проблем ќе си имаат на маса многу вкуса пита која и многу убаво изгледа. Моам да ви кажам дека оваа пита е вистински спас и за нас постарите домаќинки, бидејќи некојпат и не ми тегнат кори…И да напоменам, филовите можете да си ги ставате по сопствен избор и вкус”.

Потребни состојки:

450 г брашно
300 мл топло млеко
1 лажица сув квасец
40 г растопен путер
1 лажица шеќер
1 лажичка сол

За фил:

200-300 г домашно кравјо сирење
100 г спанаќ
2 страка млад кромид
1 белка

за премачкување на питата:

1 жолчка
1 лажица млеко
1 лажичка масло

Постапка:

Во подлабок сад за месење ставете го брашното, додадете шеќер, сол и сув квасец. Промешајте. Постепено додавајте го топлото млеко и мешајте со лажица. Потоа со рака замесете тесто со постепено додавање на растопениот путер. Тестото се меси околу 5 минути, па обликувајте го во вид на топка.

Тепсија со величина од 30 см намастете ја со путер или масло. Замесеното тесто префрлете го во тепсијата (не треба да го оставате да стасува, туку веднаш префрлете го во тепсијата).

Раката потопете ја во мешавина од вода и масло (само колку да ја натопите целата дланка) и рамномерно распоресете го тестото во целата тепсија, како кога се формира погача. Покријте ја тепсијата со кујнска крпа и оставете го тестото да одмори околу половина час. За тоа време пригответе го филот.

За фил: Спанаќот многу кратко избланширајте го (потопете го во врела вода и почекајте само водата да зоврие, па веднаш потоа потопете го во ладна вода – на тој начин ќе ја задржи убавата зелена боја).

Добро исцедете го и ситно исечкајте го. Ситно исечкајте и младо кромитче (во недостиг на млад кромид земете една главица стар кромид). Сирењето ставете го во соодвете сад и со виљушка издробете го. Додадете белка од јајце и соединете ја со сирењето. Потоа додадете го спанаќот и младиот кромид, па сето добро соединете го. Ако е потребно посолете по вкус.

Како се формира питата? Многу лесно. Имено, откако ќе стаса времето, повторно прстите натопете ги во мешавината од вода и масло, па започнете во тестото да правите концентрични кругови, започнувајќи 5 см од крајот на тепсијата, во вид на ролни правени од кори за пита.

Во просторот помеѓу круговите, во засеците што ги направивте со прстите, ставајте го филот. Притиснете го добро филот за да не “стрчи” над тестото. Покријте ја питата со кујнска крпа и уште еднаш оставете ја да одмори 15 минути.

Потоа премачкајте ја со мешавина од жолчка, млеко и масло. Ставете да се пече во добро загреана рерна на 200-220 степени. Штом започне да заруменува, намалете ја температурата на 180 и испечете ја до крај. Печената пита прекријте ја со кујнска крпа, оставете ја малку да подизлади, па послужете ја.

Фото и рецепт на Верица Николиќ

Претходна статијаKopoнавирус: Колку чини хоспитализацијата во интензивна нега во светот?
Следна статијаКако да препознаете асимптоматско воспаление на бели дробови: Пулмолог објаснува на што да се обрати внимание