Пиперчиња за зимница – секунда работа, а зимата не може да помине без нив

Не знам за вас, ама според мене, ако може да помине една зима без нив, тогаш тоа не е зима.
Прелесно се приготвуваат, како детска игра!

Потребни состојки:

4 кг пиперчиња
1 литар алкохолна киселина
3 литри вода
6 лажици шеќер
7 лажици сол
5 г конзерванс (не мора)

Постапка:

Во шерпа или голем лонец ставете да се проварат оцетот, водата, солта и шеќерот.

Кога малку ќе излади додадете конзерванс доколку сакате, но не мора.

На пиперчињата исечете им ги дршките. Измијте ги убаво и исцедете ги, па наполнете ги во чисти и стерилизирани тегли.

Потоа прелијте ги со течноста и потиснете ги со пластичен решеткаст потисок. Затворете ги теглите.

КОМЕНТАР:

За подготовка на 2% кисело-солен раствор кој може да се употреби за прелевање на зимница од лути пиперки, слатки кинети пиперки, туршија или шарена салата се користи:

-9% алкохолна киселина
-јодирана кујнска сол

со следната математичка формула:
9% : 2% = 4,5 литри течност.
4,5 – 1 = 3,5 литри вода.

Значи, во еден литар оцет се става 3,4 литри вода за да се добие концентрација од 2% киселина.

Количината на сол приближно се одредува на следниот начин:

1 рамна кафена лажичка = 10 г
1 рамна супена лажица = 15 г.

За да се добие концентрација на сол од 1% , во 1 литар кисел раствор треба да се стави 1 кафена лажичка.

Напомена: кај шарената салата не се става сол зошто зеленчукот претходно е веќе посолен.

При разредување на агресивна концентрација (есенција 80%), треба да се имаат на ум следните две работи:

-киселината се влива во водата, а не обратно!
-есенцијата се разредува во следниот сооднос: 1 литар 80% киселина се разредува со 40 литри вода за да се добие 2% киселина.

Во чисти тегли се реди зеленчукот и се прелива со ладниот кисело-солен раствор со зачини по вкус. Не е потребно претходно варење на киселината, солта и зачините.

Рокот на траење е околу една година.
При пастеризација (10 минути варење на 70-100 степени), тогаш се намалува киселоста на 1%, а сол и зачини се става по вкус.

Loading...