За половина час добивате готово, многу вкусно јадење кое е идеално да се приготви преку работната седмица или ако ве изненадат ненајавени гости. Јадењето е многу вкусно, сочно, кремасто, па веруваме дека вам и на вашите најмили ќе ви стане едно од омилените.

Потребни состојки: 600 г пилешко бело месо без кожа и коски, 200 г свежи шампињони, 100 мл масло, 200 мл неутрална павлака за готвење, 1 лажица сув зачин (вегета), малку сол и црн пипер, 2 лажици рендан пармезан, малку магдонос, ½ лажица брашно и 100 мл вода

Постапка: Белото месо претходно измиено со млаз ладна вода и исцедено, исечете го на коцкички со големина на залак, па зачинете ги со сув зачин. Во подлабока тава загрејте масло, па ставете го белото месо и пропржете го од сите страни околу 10-15 минути.

Додека месото се пржи исечкајте ги печурките на тенки листови (ако користите печурку саламурени, од тегла, прегодно измијте ги со ладна вода и исцедете ги). Кога месото е готово извадете го, па во истото масло пропржете ги печурките. Веднаш ги посолувате штом ги ставите да се пржат.

Кога и тие се готови, за некои 5 минути вратете го месото, додадете ја павлаката за готвење и дотурете вода. Зачинете со малку црн пипер и магдонос, па намалете ја температурата. Кога ќе проврие разматете го брашното во малку вода и додадете го во сосот.

Промешајте и изгаснете го огнот. Оставете го јадењето уште малку на врелата рингла да крчка, па кога вриењето ќе се смири додадете го пармезанот и уште еднаш промешајте. Додека сето тоа се готви, на страна сварете тестенини, па сосот со пилешко послужете го заедно со тестенините.