Пилешки батаци во доматен сос…Едноставен и вкусен рецепт за совршен ручек
Пилешките батаци во сос се најдоброто нешто што сум го направила во последно време. Моја топла препорака да го испробате овој рецепт.
Како што можете да видите, подготовката е многу едноставна. Состојките ги имате дома, а како прилог одберете си што најмногу вам ви одговара.
Пилешките батаци се толку сочни, богати со ароми и различни вкусови комбинирани во фантастичен сос. Дали некогаш сте направиле батаци во сос? Еве ви шанса да го испробате, драги мои готвачи.
Подготвував ручек со 3 батаци со карабатак. Количината на сосот е доволна за 5 помали парчиња или едноставно додајте уште неколку батаци доколку ви треба повеќе. Еве што ви е потребно:
ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:
3 батаци со карабатак
1 главица кромид
1 морков
1 помала црвена пиперка
сол, црн пипер по вкус
1 коцка супа + 300 мл топла вода
2 лажички скроб/нишесте/густин
200 мл сос од домати
магдонос по вкус
80 г путер
1.5-2 лажици кисела павлака
ПОСТАПКА:
Зачинете ги батаците. Растопете 50 г путер во тава и пропржете ги батаците под капак 15-тина минути додека да заруменат од двете страни. Во тенџере растопете 30 г путер и пропжете го сечканиот зеленчук (кромид, морков, пиперка).
Кога зеленчукот ќе омекне, додајте го скробот, промешајте и зачинете, па сипете со растворената коцка за супа. оставете да проврие кратко, па сипете го доматниот сос.
Намалете ја температурата и гответе кратко додека убаво да се соединат вкусовите. Изблендирајте со рачен блендер, па сипете го во батаците. Пклопете и крчкајте 15-тина минути на тивок оган.
Додајте кисела павлака за да се збогати вкусот и посипете магдонос. Поклопете и оставете уште 5 минути со исклучена рингла. Постапката погледнете ја во видеото ОВДЕ: