Брзо се приготвуваат, многу се вкусни дури и следниот ден се многу меки и свежи. Сигурна сум дека ќе ви се допаднат, ова се најдобрите панцероти од рерна.

Потребни состојки: 200 мл топло млеко, 100 мл топла вода, 100 мл масло, 1 сув квасец или ½ свежа коцка, 1 лажичка шеќер, 1 полна лажичка сол, 500-600 г брашно, 1 јајце за премачкување и сусам за наросување. За фил: Шунка, печеница или сувомеснато по избор, сирење по желба, павлака, оригано, кечап.

Постапка: Во еден длабок сад измешајте 200 мл млако млеко, 100 мл млака вода, 100 мл масло, 1 кесичка сув квасец и една лажичка шеќер. Во брашното додајте сол, па постепено започнете да го додавате во смесата со квасецот.

Мешајте прво со лажица, а потоа тестото замесете го со рака (не мора да го вадите на работна површина, се замесува во садот). Покријте го со фолија и оставете го на топло да стасува околу 20-30 минути.

За тоа време се приготвува филот: шунката исечкајте ја ситно, па додајте сечкана моцарела (или друго сирење, кашкавал, по избор). Сето соединете го со неколку лажици кисела павлака, па зачинете со оригано и малку кечап за вкус.

На набрашнета работна површина истресете го тестото, па со оклагија развлечете кора (ни премногу тенка, ни премногу дебела).

Вадете кругови со длабока чинија или друга модла (величината по ваш избор). Тестото од страните соберете го и повторно премесете го, па повторете ја постапката. На секој исечен круг ставете фил на едната страна, а со другата поклопете, па со прстот или виљушка притиснете за да се залепи од страните.

Изматете едно јајце, додајте 1-2 лажици млеко, па премачкајте ги панцеротите наредени во плех обложен со хартија за печење. Одозгора наросете сусам по желба.

Ставете да се печат во претходно загреана рерна на 220 степени додека убаво да заруменат, околу 15-20 минути. Постапката можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и рецептот на Том Филос за вкусни, затворени калцони:

Потребни состојки: 220 мл топла вода, 1 лажичка шеќер, 1 лажичка сув квасец, 400 г брашно, 1 лажичка сол, малку масло за премачкување на тестото и 1 жолчка со 2-3 лажици млеко за премачкување на калцоните

калцони / Том Филос

Постапка: во подлабок сад ставете 220 мл топла вода, една лажичка шеќер, една лажичка сув квасец и промешајте со жица за матење за убаво да се растворат состојките.

Во смесата постепено додајте 400 г брашно (додавајте лажица по лажица и матете за да нема грутчиња). На крај додајте една лажичка сол и продолжете со мешање.

Месењето продолжете го рачно додека тестото да стане мазно и еластично. Убаво изработете го на работната површина, формирајте топка и премачкајте го со масло.

Оставете го во намастен сад и покријте го со проѕирна фолија да стасува на собна температура 90 минути.

Стасаното тесто истресете го на набрашнета површина, премесете го и поделете го на два дела, а од секој дел повторно формирајте топка. Потоа со помош на оклагија развлечете кора со величина на поголема чинија, па по желба ставете сè што би сакале да ставите на пица.

ПРЕДЛОГ ЗА ФИЛ: доматно пире/кечап, сечкани печурки, рендан кашкавал, сечкан кашкавал/шунка…. Секако, можете да ставите и фил по ваша желба, како свежо сирење, ситно сирење помешано со крем сирење или кисела павлака, сирење со спанаќ, жунка и кашкавал…

Кората поклопете ја на половина и со прстите притиснете ги краевите за да се залепи тестото, за да не истекува филот при печењето. Направете витки (плетење на краевите на тестото, како што порано се затворале зелниците).

Вака приготвените затворени калцони ставете ги во плех обложен со хартија, одозгора премачкајте ги со изматена жолчка и малку млеко и ставете ги да се печат во добро загреана рерна на 250 степени, околу 15 минути или додека убаво да заруменат.

Послужете ги топли со чаша убав јогурт или кисело млеко. Ако случајно сте направиле повеќе и неколку ви останат, можете да ги јадете и подоцна, вкусни се и кога се ладни. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.