I РЕЦЕПТ – ПАМУК КИФЛИЧКИ: Најмекото тесто во светот! Многу се вкусни, воздушести и навистина се меки како памук. Одлични се за секаква пригода, можете да ги приготвувате за разни слави, родендени, свечени моменти, но исто така, можете да ги израдувате најмилите и да им ги приготвите уште утре.

Потребни состојки: 850-900 г брашно тип 500, 1 сув квасец (7 г), 2 јајца, 400 мл топло млеко, 180 мл масло, 1 лажица шеќер и 1 лажичка сол

ПОСТАПКА: Во една длабок сад за месење ставете топло млеко, потоа масло, две белки, една лажица шеќер и една кесичка сув квасец, па промешајте со жица.

Постепено додавајте еден дел брашно и лажичка сол, па месете со додавање на остатокот од брашно. Постепено замесете со рака. Тестото е меко и лепливо. На набрашнета работна површина измесете го тестото со додавање на брашно по потреба. Тестото е доста меко како памук.

Ставете го тестото во еден чист сад намастен со малку масло и тестото намастете го од сите страни, покријте го со проѕирна фолија и оставете го на топло место за да стаса и да се удвои. Најдобро би било тестото да го оставите околу час и половина до два часа.

Потоа тестото префрлете го на набрашнета подлога и исечете го на помали делови. Прво на половина, па на четвртина… или кинете топчиња ако така ви е полесно. Формираните топчиња покријте ги со фолија додека ги правите кифлите. Вадете едно по едно топче а другите нека останат покриени за да не се сушат.

Секое топче со оклагија развлечете го во правоаголна форма. Ако имате секач, поминете преку половина од коричката, а ако немате, со нож направете засеци, нанесете фил по ваша желба, па свиткајте ја кифлата. Постапката за нивното приготвување можете да ја погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – Овие СПИРАЛНИ КИФЛИ секојпат ме воодушевуваат. Едноставно се приготвуваат, декоративни се и многу вкусни!

Потребни состојки: 200 мл млака вода, 200 мл јогурт, 100 мл масло, 20 г свеж квасец, 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, брашно по потреба. За премачкување: 1 јајце, сусам

Постапка: Во еден сад ставете млака вода, раздробен квасец, шеќер и малку брашно. Убаво разматете да се растопат квасецот и шеќерот, па оставете да се активира и запени. Потоа додадете јогурт на собна температура или малку замлачен, масло и сол.

Брашното додавајте го постепено, па прво мешајте со маталка, а потоа со раце. Замесете убаво тесто кое не лепи на раце, па оставете го покриено да стасува додека да го удвои волуменот.

Потоа тестото поделете го на топчиња. Секое топче развлечете го во кора со овален облик, со должина од 28 см, а ширина 10 см. Вертикално исечете ленти, но не до крај (погледнете фото), па свиткајте во валјак.

Спиралните кифли редете ги во плех и оставете ги околу половина час уште еднаш да стасаат. Потоа одозгора премачкајте ги со изматено јајце и наросете сусам. Печете ги на 220-250 степени додека да добијат убава златна боја.

III РЕЦЕПТ – Одличен појадок набрзина – ПАМУК ПОЛЖАВЧИЊА меки како душа

Најубавите печива кои потсетуваат на сарајлии – децата постојано бараат да им ги правам! Тестото е убаво за работа, а печивата кога ќе се испечат се многу меки и вкусни. пробајте еднаш да ги направите, а потоа многу често ќе си ги правите, но ќе ви ги бараат и домашните.

Потребни состојки: 400 г брашно, 100 мл млеко, 100 мл јогурт, 50 мл масло, 1 јајце, 10 г квасец, 1 лажичка сол, 1 лажица шеќер. За премачкување:, 1 жолчка и 1 лажица масло. По потреба сусам, мак и слично.

Постапка: Квасецот и шеќерот измешајте ги со млако млеко и оставете да се активира. Изматете јајце, додадете сол и масло па измешајте, додадете млак јогурт и активиран квасец, па со постепено додавање на брашно замесете мазно тесто. Покријте го и оставете го на топло да се удвои.

Стасаното тесто премесете го па развлечете го во кора со форма на квадрат со димензии приближно 35х35 см. Исечете го на ленти широки 1,5 см и виткајте ги како полжавчиња. Крајот од лентата свиткајте го под тестото.

Полжавчињата ставајте ги во плех обложен со хартија за печење со мало растојание меѓу нив. Премачкајте ги со жолчка изматена со малку масло и наросете ги со сусам одозгора. Оставете уште малку да пораснат додека рерната да се загрее.

Рерната вклучете ја да се загрее на 220 степени, а веднаш штом ќе ги ставите полжавчињата да се печат, намалете ја температурата на 200 степени и печете ги приближно околу 20-25 минути или по потреба. Кога ќе извадите од рерна покријте ги со кујнска крпа неколку минути додека да подизладат.