Овие фритули се прават со пиво и се пржат по 1 минута, а потоа се наросуваат со шеќер

Омилена закуска по старински начин, вака ни ги приготвуваа бабите и ќе не почастеа со неколку после ручек, а нас не ни беше доста и постојано баравме уште. Сите печива кои се валкаат во шеќер ми се останати во срцето и ме потсетуваат на баба ми. Еве што ви е потребно за да ги евоцирате спомените на баба:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г брашно, 2 јајца, 50 г шеќер, 12-16 г прашок за печиво (1 кесичка), изрендана кора од 1 лимон, 130 мл пиво, масло за пржење и шеќер за валкање на пржените фритули. Постапката е многу едноставна, можете да ја прочитате во продолжение со уште еден рецепт за посни пивски кифли со џем од кајсии:




ПОСТАПКА: во еден сад ставете го целото брашно и во него скршете 2 јајца. Додајте го шеќерот, прашокот за печиво и изрендајте кора од 1 лимон која дава преубав цитрусен вкус. На крајот во чаша измерете 130 мл пиво и додајте го во тестото.

Замесете го тестото со раце додека убаво да се соединат сите состојки и да не се распаѓа. Замесете мазно тесто кое не се лепи. Нема потреба да го оставате да одмора, бидејќи не содржи квасец за да стасува.




Веднаш поделете го тестото на два еднакви делови, едната половина завиткајте ја во проѕирна фолија за да не ви се исуши додека ја подготвувате другата. Прво се развлекува тестото со прсти, колку што може повеќе, а потоа со оклагија се развлекува сосем тенко, неколку милиметри.




Веднаш се сечат ленти со дебелина од 2-2,5 прсти, а потоа секоја лента се сече накосо, како што е прикажано во описот на видеото подолу. Во загреано длабоко масло се спуштаат тестата по неколку и се пржат по 1 минута од страна додека да добијат златна боја.




Потоа се вадат на чинија со хартија за да се исцеди вишокот масло, па додека се уште топли се валкаат во шеќер и се послужуваат. Многу вкусен старински десерт, за чиста десетка. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ. Прочитајте го и вториот рецепт:

Втор рецепт: Посни пивски кифли со џем од кајсии, прелиени со шербет и валкани во кокос. Многу вкусни кифлички кои се топат во уста. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 600 г брашно, 1 прашок за печиво, 200 мл масло, 200 мл пиво, околу 200 г џем од кајсии или по желба.




ЗА СИРУП: 400 г шеќер, 10 г ванилин шеќер, 200 мл вода. И УШТЕ: 100 г кокос за валкање на кифлите. ПОСТАПКА: Брашното просејте го во сад за месење, па додајте прашок за печиво, масло и пиво. Замесете мазно тесто кое не се лепи. Нема потреба да го оставате да одмора, бидејќи не содржи квасец за да стасува.




Измесеното тесто веднаш поделете го на 8 делови, а потоа секој дел поделете го на 4 помали. Вкупно треба да добиете 32 парчиња. Работната површина нема потреба да ја наросувате со брашно, бидејќи тестото не се лепи.




Формирајте топчиња, а секое топче со оклагија развлечете го во овална кора. Едната половина засечете ја повеќе пати, а на другата половина ставете малку џем, па свиткајте ја кифлата. Повторете ја постапката со преостанатото тесто. Кифличките редете ги на плех обложен со хартија за печење.




Печете ги во претходно загреана рерна на 180 степени, додека убаво да заруменат, околу 30-тина минути. Во меѓувреме сварете сируп од вода, шеќер и ванилин шеќер. Варете го од моментот кога ќе зоврие, уште 10-тина минути.




Печените и малку подизладени кифлички натопувајте ги во сирупот, па вадете ги со решеткаста лажица. Валкајте ги целите во кокосово брашно. Кифлите се многу поубаво откако ќе отстојат два-три дена, па ако сте во можност, темпирајте го времето кога ќе ги правите. Кифличките е најдобро да се чуваат во метална кутија за колачи.

Претходна статијаНајпознатите медени колачи од нашата архива: рецепт стар 100 години, се вадат форми и се печат 10 минути
Следна статијаКОЛАЧ СО КЕКСИ И ПУДИНГ: Поедноставен и покремаст десерт не сте пробале – чиста магија од вкусови