Речиси и да не може да се замисли некое јадење без јајца, зашто тие се една од најкористените состојки во рецептите. Освен тоа, јајцата се многу хранливи и вкусни, па се приготвуваат за појадок или вечера, на најразлични можни начини.




Варени или поширани, пржени цели или изматени како омлет или суфле, полупржени, матени и печени како суфле, со додатоци или без… варијантите за приготвување на јајца се неограничени.




Следниот рецепт што ќе го прочитате е варијанта на омлет, но со додаток на уште две состојки тој станува уште похранлив од обично, многу позаситен и се разбира повкусен. Може да се послужи дури и како главно јадење во комбинација со некоја свежа, сезонска салата. Освен овој рецепт ви предлагаме уште еден, каде јајцата се комбинираат со зеленчук. Еве што ви е потребно:




РЕЦЕПТ 1: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 6 јајца, 300 мл млеко, 100 г рендан кашкавал, 20 г путер и сол по вкус. РЕЦЕПТ 2: ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 г кратко обарена брокула, 4 јајца, 1 главица кромид, сол, црн пипер, оригано, малку млеко, масло




ПОСТАПКА за рецепт 1: Во еден подлабок сад скршете ги јајцата и изматете ги со кујнска жица-маталка. Додајте 300 мл млеко и посолете по вкус. Уште еднаш изматете за да се соединат јајцата со млекото.




Додајте 100 г рендан кашкавал по ваш избор и оставете убаво да се натопи во течноста. Земете еден средно голем огноотпорен сад (или калап/тепсија/плех со помала или средна величина, но да има длабочина, како калап за ролат или леб, на пример) и намастете го со 20 г путер.




Излејте ја смесата во подготвениот сад и ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени, околу 25 минути. Во текот на печењето омлетот многу ќе нарасне, па затоа е добро да се пече во висок/длабок сад.




Кога е печен, извадете го од рерната, оставете малку да подизлади за да можете да го превртите во чинија (ставете поголема чинија врз садот и превртете го омлетот). Омлетот е вкусен, воздушест, мек и сочен. Следува постапката за вториот рецепт:




ПОСТАПКА за рецепт 2: кромидот исечкајте го на тркалца, зачинете и на малку масло пропржете го. Јајцата изматете ги со малку млеко и прелијте ги преку кромидот. Оставете да фати коричка, додајте одозгора брокула, и лесно превртете го омлетот, притоа внимавајќи да остане цел, во едно парче (како палачинка).