МИНИ ПЕЧИВА ЗА СЕКАКВА ПРИГОДА: Меко и вкусно, полнето си сирење или фил по желба

Овие мини или „коктел“ печива се идеални се секаква пригода. Многу лесно се прават, се виткаат ролатчињата, се редат едно до друго и се сечат, па на крај добивате малечки кифлички-печива кои можат да се изедат во еден залак. Најмногу ги сакаат за детски родендени, но и секакви други свечени настани, а можат да се послужат и за појадок или вечера. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло млеко, 25 г свеж или 7 г сув квасец, 1 супена лажица шеќер, 1 супена лажица сол, 200 мл вода, 100 мл масло за готвење, 700 г меко брашно или по потреба. ЗА ФИЛ (по желба): 500 г ситно сирење (сол по вкус), 1 белка. За премачкување: 1 жолчка + 1 лажица млеко




ПОСТАПКА: Во еден помал сад ставете една супена лажица шеќер и изронете 25-30 г свеж квасец (или 7-8 г сув). Залијте со 200 мл топло (млако) млеко, промешајте за да се растворат состојките и оставете на топло место 10-тина минути додека квасецот да се активира и запени.




За тоа време измерете 700 г брашно и промешајте го со една супена лажица сол. Во средината направете вдлабнување како бунарче, па во средината истурете го стасаниот квасец, една чаша млака вода (200 мл) и 70 мл масло за готвење. Промешајте со лажица додека да се впијат течностите во брашното.




Кога смесата ќе стане компактна, замесете со рака. Кога тестото е речиси измесено, но сè уште не е убаво мазно, истресете го на работна површина и прелијте го со остатокот од маслото (30 мл), па домесете го уште кратко додека да се апсорбира, а површината да се измазни.




Измесеното тесто обликувајте го во топка и поделете го на 12 приближно еднакви делови. Дел од работната површина намастете ја. Секој дел од тестото обликувајте го во топче и редете го врз намастената површина. Потоа сите топчиња премачкјате ги со малку масло, па покријте ги прво со кеса, а потоа и со кујснка крпа и оставете ги да стасуваат половина час.




ЗА ФИЛ: печивата секогаш можете да ги филувате по желба, со она што најмногу сакате или она што во моментот ви се наоѓа во кујна. Јас имам 500 г ситно сирење кое вече е солено и нема потреба да го досолувам. Ако користите сирење како мене, во него додајте една белка од јајце и промешајте.




После половина час земете едно топче тесто и малку развлечете го со прстите, а потоа и со оклагија. Развлекувајте така да добиете долга (а тесна) овална кора, приближно со должина од 30 см. Филот ставете го исто така, долж целата кора, па внимателно свиткајте тенок, а долг ролат.




Постапката повторете ја со сите останати теста, а приготвените ролати редете ги во намастен плех. Кога ќе завршите, покријте ги и оставете ги да стасуваат половина час. Потоа исечете ги, премачкјате ги со мешавина од жолчка и млеко, посипете ги со разно семе и вклучете ја рерната да се загрева на 200 степени.

Штом рерната добро се загрее, ставете ги печивата и печете ги 25 минути или додека да заруменат. Кога се печени извадете ги од рерна, покријте ги со крпа и оставете ги малку да подизладат, па послужете ги. Деталите погледнете ги ОВДЕ.

Претходна статијаНаправете вкусен ТОУМ – либански сос од лук кој го заменува макалото и има долг рок