Ако сакате да јадете нешто благо и вкусно, без да чувствувате грижа на совест, тогаш овој сочен колач е за вас. Се прави од неколку едноставни состојки, нема јајца, само малку вода, шеќер и неколку лажици џем по ваш вкус.




Од овој колач можете да јадете по 2-3 парчиња и да не ви е тешко на стомакот. Колачот одлично одговара со кафе додека си муабетите со пријателките, а на дечињата може да им го послужите со чаша топло млеко. Еве кои состојки ви се потребни за да го направите:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 мл вода, 12 лажици шеќер, 20 лажици брашно, 4 лажици џем или мармалад по ваш вкус, 8 лажици мелени ореви, 1 лажичка сода бикарбона, 10 г прашок за печиво. ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 4 лажици џем или мармалад, 4 супени лажици мелени ореви.




ПОСТАПКА: Најпрво се соединуваат сите суви состојки, па на крајот се додаваат мокрите. Во еден подлабок сад ставете 20 лажици брашно, најдобро е да користите сенаменско бело брашно, тип 400. Во брашното додајте 12 лажици шеќер, нема потреба повеќе да додавате поради тоа што џемот е доволно благ.




Додајте 1 лажичка сода бикарбона и 10 г прашок за печиво. Додајте 8 лажици мелени ореви и фино соединете ги сите состојки со жица или маталка. Кој сака, по желба може во смесата да додаде малку какао, цимет или плазма (мелени бисквити).




Потоа се додава џемот, отприлика 4 полни лажици, се промешува, па потоа се прелива со 400 мл вода, на собна температура. Водата се додава постепено, додека непрекинато се меша со жица или маталка. Кога ќе ја додадете целата вода, мешајте ја смесата додека да се добие конзистентност слична на онаа за палачинки.




Смесата треба да биде еднолична и добро соединета, да нема грутки од сувите состојки. Во еден помал плех или огноотпорен сад кој не треба да биде помал од димензиите 30х20 см се става хартија за печење и убаво се прицврстува на краевите. Вклучете ја рерната да се загрее на умерена температура, на 200 степени.




Додека рерната се загрева, смесата се остава да отстои околу 10-15 минути на собна температура, за фино да се инкорпорираат состојките. Потоа, смесата се излева во плехот и убаво се измазнува.

Колачот се става на печење во претходно загреана рерна на 200 степени и по 10-тина минути, температурата се намалува на 180 степени. Колачот вкупно се пече околу 30-тина минути. По печењето, се проверува со чепкалица, дали е печен однатре.




По печењето, колачот се остава сосем малку да се олади, па потоа одозгора се премачкува со 4 лажици џем, а врз џемот се наросуваат ситно сечкани мелени ореви (околу 4 лажици) или може да наросите плазма. Колачот се вади од плехот, сосе хартијата за печење и се сече на помали коцки и потоа се послужува со кафе или топло млеко. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.