Несомнено ова е еден од најпопуларните колачи кој до ден денешен сите го сакаат. На Интернет може да се прочитаат безброј рецепти за приготвување на оваа слатка, во најразлични варијанти.

Во текстот подолу ќе можете да го прочитате стариот рецепт како порано се приготвувала оваа слатка, но и понов рецепт, кој е поедноставен и се изработува од готово лиснато тесто, а за кремот се користи пудинг. На вас останува да одлучите кој рецепт ќе го одберете.

Рецепт на Хаџи Миланко Гаковиќ. Ви го откривам оригиналниот рецепт на мојата баба, а јас имам 75 години, па вие пресметајте колку е стар овој рецепт. Рецептот е долг, но кој го интересира, ќе го прочита.

Потребни состојки: 300 г брашно, 250 г путер, 1 јајце, 1 прстофат сол, 1 лажиче лимонов сок и малку ладна вода. За фил: 6 јајца, 500 мл млеко, 170 г шеќер, 50 г гриз (или остро брашно), шеќер во прав помешан со ванила за наросување одозгора

Постапка: На работна површина просејте 300 г брашно (тип 400 меко). Од оваа количина одвојте 50 г и замесете го 250 г путер. Вака измесениот путер вратете го во фрижидер да се стегне.

Во остатокот од брашното (250 г) направете мало вдлабнување, ставете едно јајце, прстофат сол, неколку капки лимонов сок, па со ладна вода замесете тесто како за пите, но малку потврдо. Добро измесете го додека да почне да се одвојува од површината и да не се лепи на рака.

Оставете го врз набрашнета површина да омори 15-тина минути. Потоа развлечете го со оклагија во кора со дебелина од половина центиметар. Во средината од кората ставете го стврднатиот путер (претходно измесен со 50 г брашно), па превиткајте ја кората од сите 4 страни, така што путерот да остане во средина.

Развлечете повторно кора, па превиткајте ја на три дела (три листа). Повторно развлечете, па превиткајте на 4 дела (листа), па оставете во фрижидер да одмори половина час. Повторете ја постапката уште еднаш (прво на три, па на 4 дела) и повторно оставете го тестото во фрижидер, 30 минути.

Расечете го тестото преку половината. Едната половина развлечете ја со оклагија и ставете ја кората на ладен плех, избоцкајте ја со нож, па ставете во умерено загреана рерна да се пече. Истото направете го и со втората половина. Печените кори кога ќе добијат руменожолтеникава боја извадете ги да изладат.

Фил: Половина литар млеко ставете во тенџере, додадете расечено стапче од ванила и 100 г шеќер. Кога ќе зоврие тргнете од оган. Во посебен сад изматете 6 жолчки и 50 г гриз (остро брашно) и со жица додадете во топлото млеко. Матете за да не се направат грутчиња.

Од белките направете снег, па додадете 70 г шеќер и матете додека тој да се растопи. Кремот од жолчки и млеко и брашно ставете го на силен оган, па кога ќе зоврие додадете му го изматениот снег од белки. Со жицата добро измешајте ја смесата, па тргнете од оган.

Потоа излејте го кремот врз печената кора и израмнете (извадете ја претходно ванилата). Со другата кора поклопете го филот, па оставете ја питата да излади, а потоа исечете ја со остар нож на коцки, а одозгора наросете со шеќер во прав помешан со ванила.

ПОНОВ РЕЦЕПТ 2 – Фотографија и рецепт на Билјана Ристиќ. Потребни состојки: 500 г лиснато тесто, 10 јајца, 4 кесички ванилин пудинг, 200 г брашно или густин, 2 литри млеко, 21 лажица шеќер, 6 кесички ванилин шеќер, 350 мл изматена слатка павлака, како шлаг и 50 г шеќер во прав.

Постапка: Лиснатото тесто развлечете го и поделете го на два еднакви делови. Првиот дел испечете го на 200 степени, претходно избоцкан со виљушка на повеќе места. Вториот дел исечете го на коцки и исто така испечете го. Оставете на страна да се лади додека се приготвува филот.

Фил: Прво добро изматете ја слатката павлака со шеќер во прав. Во друг сад изматете 6 жолчки, 4 јајца, 15 лажици шеќер. Кога смесата ќе стане пенаста, додадете го пудингот и брашното со малку млеко. Добро изматената смеса излејте ја во зовриеното млеко и варете на тивко со постојано мешање додека се згусне.

Тргнете од оган и додадете ванилин шеќер и цврсто изматен снег од белки со 6 лажици шеќер. Овој крем полека промешајте го со изматената слатка павлака. Врелиот фил со лажица рамномерно распоредете го врз испечената и изладена кора, а одозгора наредете ги печените и изладени коцки од лиснато тесто. Одозгора наросете шеќер во прав и изладете добро пред послужување.