ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 20 кг црвени пиперки, 10 кг домати, 8 кг модар патлиџан, 2 литри масло, 10 лажици сол, 15 лажици шеќер, лути феферони по желба, 15 главици лук, 600 мл вински оцет, свеж магдонос (лист) по желба
ПОСТАПКА: Измијте го зеленчукот, исушете го и излупете го.
Испечете ги пиперките на плотна (или во рерна), ставете ги во пластична кеса 30 минути за полесно да се излупат и исечете ги на мали ленти.
Излупете го модриот патлиџан и сомелете го на машина или исечете го на коцки. Ставете го да се вари десетина минути и со решеткава лажица извадете го од зовриената вода. Можете да ја намалите количината на модар патлиџан доколку не сте љубител.
Ставете го доматот во зовриена вода за полесно да го излупите, па сомелете го во машина за домати.
Во голема тава ставете масло и загрејте го. Истресете ги мелените домати (можете да ги сомелите на машина која ги дели семките и лушпата, или пак, излупените домати изрендајте ги на обично ренде. Промешајте и пржете ги на масло 30 минути.
Додајте ги пиперките кои претходно ги излупивте и исечкавте на ленти. Сè заедно пропржете уште 30 минути. Потоа додајте ги сечканите или мелените модри патлиџани кои претходно ги сваривте кратко во зовриена вода и ги процедивте.
Продолжете да готвите сè заедно уште 30 минути со постојано мешање. Потоа додајте сечкан лук. По десет минути додајте лути феферони по желба. Потоа додајте вински оцет и варете уште 30 минути.
Кон крајот додадете лист од магдонос. Готовиот пинџур складирајте го во стерилизирани загреани тегли. Веднаш затворете ги и превртете ги наопаку. Покријте со ќебе и оставете сами да се изладат.
Чувајте ги теглите во оставата или подрум со константна температура, на темно. Се надевам дека ќе ви се допадне вкусот на овој пинџур и дека ќе уживате во зимските денови. Видеопрезентацијата можете да ја погледнете ОВДЕ.