Зелката изобилува со витамин Ц и го крепи организмот при настинки и грипови. Може да се приготви на повеќе начини, како подварок за ручек, варена како манџа или како салата. Основниот рецепт за зелка салата се состои од сол, црн пипер, масло и јаболков оцет. Многумина уживаат во ова евтино јадење кое е многу здраво. Иако овој рецепт ќе остане безвременски, во продолжение може да прочитате 3 рецепти за кремаста зелка салата.




Првиот рецепт е малку поразличен од сите досега. Салатата е многу кремаста и многу добро одговара да се послужи со печено месо. Вториот и третиот рецепт се две верзии од сличен рецепт за зелка салата, па вие одлучете која повеќе ви одговара. Трите рецепти се проверено добри, така што испробајте ги како прилог на ручекот. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 300 г зелка, 1 обична краставица, 4-5 варени јајца, 1 перце зелен кромид, 1 китка свеж копар, 3-4 лажици јогурт/павлака, 1/2 лажичка сол, 1 лажичка сенф, 3 лажици масло.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 1 главица зелка, тенко сечена или рендана, 1 шолја мајонез, ½ шолја маслиново масло, 1 лажица сенф, 3-4 лажици шеќер, 1 лажица паста од рен или само малку свежо изрендан, 1 лажица ситно сечкан магдонос, 3-4 млади кромитчиња, 3 чешниња лук, 1 лажичка сол, бел оцет по вкус, малку црн пипер.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ТРЕТ РЕЦЕПТ): 500 г зелка, 100 г целер (корен), 100 г морков, 1 лажица рендан ѓумбир, 1 шолја зрна од калинка, по вкус сол и црн пипер, 1 лажица сечкан лист од целер, 4 лажици винска киселина, 4 лажици мајонез (или 2 лажици мајонез и 2 кисела павлака).




ПОСТАПКА ЗА ПРВИОТ РЕЦЕПТ: Зелката ситно исечете ја или изрендајте ја на специјално ренде. Јас со остар нож ја сечам набрзина и изгледа како да е рендана. Со ренде одземе повеќе време. Краставицата излупете ја и исечете ја на ленти, а потоа на ситни коцкички. Состојките веднаш префрлете ги во садот каде што ќе ја послужувате зелката.




Јајцата сварете ги тврдо околу 6-7 минути, а потоа оладете ги под млаз вода и излупете ги. Нежно пресечете ги на половина за да не ви се распадне жолчката, па издвојте ги сите четири или пет жолчки во еден посебен сад. Белките исечкајте ги на многу ситни коцки и ставете ги во садот со зелката и краставицата.




Жолчките изгмечете ги во паста со виљушка, па додајте ја павлаката, 1/2 лажичка сол, 1 лажичка сенф и 3 лажици масло. Измешајте енергично додека да се формира хомогена смеса. Овој вид на дресинг е многу вкусен и може да послужи за секаков вид на салати. Омилен е на професионалните готвачи, а посебен вкус даваат жолчките. Дегустирајте малку од преливот и по потреба зачинете уште малку по вкус.




Свежиот копар исечкајте го на ситни парчиња, а зелениот кромид на тенки кругови, како лист. Додајте ги зелените состојки во садот со зелката, па на крајот прелијте го преливот. Измешајте ја смесата додека сите состојки подеднакво да се распоредат. Ако ја сакате салатата покремаста, додајте уште малку мајонез или кисела павлака по желба или додајте сол и црн пипер по потреба.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Ренданата или сечканата зелка ставете ја во поголем сад и малку посолете, оставете малку да омекне и пригответе го преливот. За прелив земете млад кромид, магдонос, лук и сето исечкајте го колку можете поситно или ставете го во блендер. Потоа додајте ги сите останати состојки да добиете хомогена смеса.




Закиселете го по вкус. Готовиот прелив измешајте го со зелката, малку измешајте и изгмечете со рацете, па оставете во фрижидер да се соединат сите состојки. Салатата е готова. Во оваа салата можете да додадете и рендан морков и малку препечена сланина која претходно сте ја исечкале.




ПОСТАПКА ЗА ТРЕТИОТ РЕЦЕПТ: Зелката исечкајте ја тенко или изрендајте ја. На крупно ренде изрендајте ги морковот и целерот. Ситно изрендајте го ѓумбирот. Ставете сè во чинија и измешајте. Одозгора наросете бобинки од калинка. Во помала чинија измешајте го мајонезот, или доколку сакате измешајте мајонез и павлака, додајте оцет, сол, црн пипер и ситно сечкани листови од целер.

Прелијте ја салатата одозгора и добро промешајте. Салатата префрлете ја во чинија за сервирање и послужете. Одлично одговара како предјадење, со мезе или како салата со главно јадење. Деталите од целата постапка за првиот рецепт може да ги погледнете во видеото ОВДЕ.