За сите оние кои сакаат чоколадно кремасти торти. Вообичаено сум во дилема која торта да ја подготвам за некоја прослава или роденден, а бидејќи ми се допаѓа да биде некоја нова што досега не сум ја подготвила, овојпат се одлучив за Еурокрем тортата и не згрешив. Во продолжение ќе ви претставиме два едноставни рецепти за кремаста торта со еурокрем. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 1 пакување од 700 г готови кори за торта, 500 г еурокрем, 200 г млечно чоколадо (Милка), 500 мл слатка павлака (200+300), 1 лажичка кристален шеќер, 100 г шеќер во прав, 500 мл млеко (400+100), 2 чоколадни пудинзи, 125 г маргарин за колачи и торти, 1 пакување шарени мрвици за декорација или по желба.

ПРВ РЕЦЕПТ




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 5 јајца, 150 г шеќер, 100 г чоколадо. ЗА ВТОРАТА КОРА: 5 белки, 200 г шеќер, сок од лимон, 2 лажици брашно. ЗА ФИЛ: 1 литар млеко, 4 кесички пудинг од ванила, 250 г маргарин, 200 г шеќер во прав, 100 г печени, мелени лешници, 200 г еурокрем, 2 лажици какао, 2 кесички шлаг.

ВТОР РЕЦЕПТ




ПОСТАПКА ЗА ФИЛОТ – ПРВ РЕЦЕПТ: Сварете ги двата пудинзи со 400 мл млеко и една кафена лажичка шеќер. Во тенџере ставете го млекото, па издвојте 8 лажици од него и измешајте ги со пудинзите. Шеќерот ставете го во млекото, па кога ќе се загрее, додајте ги пудинзите и варете со постојано мешање на ниска температура, додека да ја добиете потребната конзистентност.




Посебно изматете го маргаринот со 100 г шеќер во прав, додека да се добие кремаста и еднолична смеса. Маргаринот треба да биде на собна температура неколку часа пред употреба. Кога пудингот ќе се олади постепено додавајте го изматениот маргарин и цело време матете со миксер до соединување. 200 мл изматена слатка павлака со миксер лесно измешајте ги во претходно подготвениот фил.




Првата кора натопете ја со малку млако млеко (100 мл) и премачкајте ја со омекнатиот (речиси течен) еурокрем. Потоа премачкајте го филот преку еурокремот. Истата постапка повторете ја за сите три кори. Скршете го 200 г млечното чоколадо и соединете го со 300 мл од преостанатата слатка павлака и загрејте на ниска температура со постојано мешање со жица додека да се стопи целото чоколадо.




Оставете ја смесата да се олади за да постигнете калење (калење е процес на топење на чоколадото до идеалната точка на топење, потоа намалување на температурата до идеалната точка на ладење кога ќе се формираат соодветните кристали и на крајот се зголемува до работната температура.)




Кога глазурата доволно ќе се олади, рамномерно прелијте ја врз тортата, оставајќи ги капките чоколадо малку да капнат од страните на тортата. Ставете ја тортата во замрзнувач 1 час или во фрижидер 3 часа. Изладената торта украсете ја со шарени мрвици и повторно вратете ја во фрижидер до сервирање. Совет: Најдобро е тортата да се направи 2 дена пред послужување, за да се ослободи кората и колачот да стане компактен.




ПОСТАПКА ЗА ВТОРИОТ РЕЦЕПТ: Шеќерот измешајте го со малку вода во тенџере на ниска температура и додајте го чоколадото. Кога убаво ќе се растопи чоколадото тргнете го од оган и додајте ги една по една жолчките постојано матејќи со миксер. На крајот додајте го цврсто изматениот снег од белки. Испечете ја кората на хартија за печење.




ЗА ВТОРАТА КОРА: Изматете ги белките со шеќерот, додајте сок од лимон и на крајот нежно измешајте го брашното. Испечете ја кората на хартија за печење. Двете кори се печат во плех од рерна, во претходно загреана рерна на 180 степени, околу 15-тина минути.

ЗА ФИЛОТ: Во млекото сварете го пудингот, а во изладениот пудинг додајте маргарин изматен со шеќер во прав. Поделете го филот на два еднакви делови. Во едниот додајте половина од количината мелени лешници и белата маса на еурокремот.

Во втората половина додајте какао и темната маса од еурокремот. Редење на тортата: црна кора – бел фил – бела кора – темен фил (наросете со остатокот од лешниците). Колачот украсете го со шлаг и декорирајте по желба. / Сoolinarka.сom