„Знам дека лебот се прави само од брашно, вода и квасец, ама според тој рецепт секојпат ми излегуваше различно, некојпат со дебела кора, некојпат малку потврд или пак ќе ми распукаше… а од истото тесто не можеш да направиш убави кифли.

Откако дознав за овој рецепт, само вака го правам тестото и секојпат супер ми излегува. Знам дека многу зависи од типот на брашното и од неговиот квалитет, ама со овој рецепт какво брашно и да користам, секогаш излегува супер. Овојпат правев слатки кифли, па ќе ви покажам како нив ги правам. Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 200 мл топло/млако млеко, 80 г шеќер (за слатки кифли, за солени ставете помалку), 7-10 г сув квасец (1 кесичка), 1/2 кесичка ванилин шеќер или 1 мала лажичка, 1/2 лажичка сол, 2 јајца на собна температура, 80 г растопен путер околу 550 г брашно. За фил: џем, нутела, чоколадо, густо кондензирано млеко…

ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете една чаша топло млеко, додајте го шеќерот, квасецот, ванилата и солта, па добро промешајте додека да се растопат сите состојки. Овде додајте две јајца (да не се ладни од фрижидер) и растопен путер (малку подизладен, млак).

Измешајте ги сите состојки за да добиете еднолична смеса. Овде додајте околу половина килограм брашно, но најдобро би било да биде просеано. Тестата секогаш излегуваат поубави ако брашното претходно го просеете.

Мешајте со лажица додека брашното да ја впие течноста. Веројатно ќе биде меко, па додајте уште малку брашно (ова зависи од самото брашно и од големината на јајцата). Најпосле замесете со рака. Тестото уште малку домесете го на работна површина додека да стане средно меко, и нелепливо на допир.

Вратете го во чист сад, покријте го со проѕирна фолија убаво да биде затворено од сите страни, па оставете го да ферментира еден час додека да се удвои. Стасаното тесто истресете го на работна површина и малку премесете го. Поделете го на 10 дела и од секој дел обликувајте топче. Покријте ги и оставете ги да одморат 15 минути.

Со оглагија развлечете тенка кора со големина на чинија, па на едниот крај нанесете фил каков што сакате (јас користам готвено кондензирано млеко), а од половината натаму исечете ја на ленти. Свиткајте ја кифлата. Постапката повторете ја со сите теста, а кифлите наредете ги во плех обложен со хартија и намастен со малку путер.

Кифлите покријте ги и оставете ги на топло место да стасуваат 20-тина минути. потоа премачкјате ги со една разматена жолчка во која сте додале една лажица млеко и одозгора наросете ги со сусам, црн ким или нешто по ваш вкус. Печете ги 30-35 минути во претходно загреана рерна на 180 степени.