Се приготвува со готови кори, а мерка е шолја од 250 мл. Потребни состојки: 1 пакување квалитетни кори 500 г, 3 јајца, 1 шолја јогурт, 1 шолја масло (оставете малку за премачкување на корите), 1 шолја пченкарно брашно, сол по потреба, по желба сусам за наросување, 1 прашок за печиво и 500 г ситно сирење

Постапка: Пченкарното брашно измешајте го со прашок за печиво. Јајцата, јогуртот и маслото исто така изматете ги. Измешајте го брашното со мешавината од јајца. Сирењето пробајте го, па доколку е несолено – посолете го по ваш вкус. Сирењето останува посебно.

Корите поделете ги на по 4 кори. Јас добив 3х4 кори. Земете ја првата кора, премачкајте ја со масло, ставете ја втората кора, и премачкајте ја со смесата од брашно и јајца.

Ставете ја третата кора, премачкајте со смесата, па ставете ја четвртата кора, и неа премачкјате ја со смесата. Преку четвртата кора исто така наросете сирење (1 /3 од вкупната количина).

Свиткајте ги корите внимателно во ролна. Постапката повторете ја и со преостанатите кори, водејќи сметка филот рамномерно да го распоредите. Вака подготвените ролати префрлете ги во плех обложен со хартија за печење. Исечете ги на парчиња и премачкајте ги со масло. Доколку сакате наросете ги со сусам.

Ставете ја питата да се пече во загреана рерна на 200 степени додека да зарумени, околу 30 минути. Кога е печена, извадете ја од рерна, оставете ја 10-тина минути малку да подизлади, па послужете ја. Одлично одговара јогурт, кисело млеко или нешто по ваш вкус.