Рецепт на Магдалена. За пет-шест минути е готов колачот и екстра е, немам зборови со кои би го опишала – токму она што го барав со години, крцкаво и чоколадно.

Овој рецепт веќе долго време го барам и не можев да верувам дека толку едноставно и брзо се приготвува. Ако досега не сте го правеле, задолжително пригответе го, ќе бидете воодушевени. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 250 г маргарин (или несолен путер), 200 г шеќер, 5 јајца, 100 г темно чоколадо (или за готвење), 500 г петит бисквити или некои други кекси (дробени, на парчиња), 1 лист обланда




ПОСТАПКА: Во еден сад на умерена температура ставете го маргаринот исечкан на помали парчиња заедно со шеќерот, јајцата и чоколадото искршено на парчиња. Полека загревајте со непрекинато мешање додека сите состојки да се растопат и соединат во еднолична смеса.




Кога смесата ќе зоврие додајте ги петит кексите претходно искршени со рака, ниту премногу ситно, ниту премногу крупно. Кога сето тоа убаво ќе се испомеша и изедначи, излејте ја топлата смеса врз лист обланда (свртена со крупните коцки нагоре) и израмнете. Кога ќе се стегне, сечете и послужете. Рецепт на Магдалена. Прочитајте го и следниот рецепт на Венера за обланди кои се приготвуваат за 9 минути:




Ова се обланди кои многу им се допаѓаат на моите по вкус (не се ниту суви, ниту тврди, туку се топат во уста), а искрено и мене многу ми се допаѓаат, особено затоа што не бараат многу време за нивно приготвување. Многу се вкусни и секогаш ги правам во двојна мера, спојувам по 2 пакувања обланди, бидејќи ги правам за 9, а се изедуваат за 7 минути. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 500 г шеќер, 500 мл млеко, 250 г маргарин (најдобар е оној со мирис на слатка павлака, но може кој било), 4 лажици брашно, 100 г темно чоколадо (за готвење), 1 јајце, 1 пакување обланда




ПОСТАПКА: Добро изматете го јајцата со малку млеко и брашното, да се добие мазна смеса без грутчиња. Смесата можете да ја изматите рачно со жица-маталка, или пак состојките да ги ставите во блендер или „шејкер“.




Сите состојки ставете ги во едно тенџере и загревајте на умерена температура со повремено мешање. Многу е важно добро да ги соедините состојките додека сè уште се ладни, зошто ако го чекате млекото да проврие со шеќерот, па дури потоа ја додадете мешавината како што вообичаено се прави пудинг, тогаш ќе се направат грутчиња и филот нема да биде хомоген.




Затоа, сè измешајте додека е ладно, па потоа полека загревајте на умерена температура и непрекинато мешајте додека да згусне. Кога малку ќе подизлади кремот, филувајте ги обландите и за кратко ставете ги во замрзнувач за да зацврснат за да можат полесно да се сечат.




Бидејќи не се суви, мора кратко да ги ставите во замрзнувач или во обичен фрижидер, за да се исечат, а потоа можете да ги чувате и на собна температура. Кај нас дома за седум минути сè се изедува. Можете да ги сечете во облици какви сакате, а јас овојпат ги исеков на тенки стапчиња, бидејќи колачот ми излезе висок (2 обланди). Оваа обланда можете и целосно да ја замрзнете и да ја чувате за некоја пригода.