Нема ништо поубаво од мек, свеж, домашен леб. За овој рецепт не ви е потребен ниту квасец, ниту треба да го чекате тестото да стасува и неколкупати да го премесувате, бидејќи целата ферменатција и растењето на тестото се постигнува во текот на печењето.




На многу едноставен, лесен и брз начин ќе добиете мек и воздушест леб без чекање и без месење. ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 400 г брашно, 350 мл пиво, 6 г сол, 40 г шеќер, 12 г прашок за печиво (1 кесичка), 50 г путер




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад ставете го брашното (сенаменско или универзално), посолете го, додајте шеќер (може и помалку од наведената количина), прашокот за печиво, па сето добро измешајте го со рачна маталка, за да се изедначат сувите состојки.




Потоа, во смесата од брашно започнете постепено да го додавате пивото кое не треба да биде студено од фрижидер (на собна температура). Ќе забележите дека смесата ќе запени, па затоа е добро да користите некој подлабок сад.




Постојано мешајте со шпатулата додека го додавате пивото, сè додека да добиете компактно, меко и мазно тесто без грутки од брашното. Тоа е доста меко и лепливо, па затоа сето време се меша со шпатула и не треба да се меси со рака. Тестото изгледа вака:




Земете еден плех или калап за леб или ролати со димензија од 22х14х5 см, па внимателно обложете го целиот со хартија за печење (дното и страните), па тестото истресете го во него и рамномерно распоредете го.




Путерот растопете го на многу тивок оган или на пареа, па со него прелијте го тестото. Како што кажавме, ова тесто нема потреба од стасување, па веднаш ставете го да се пече во претходно загреана рерна на 180 степени околу 40 минути.




Овој леб е многу вкусен, повкусен дури и од некои „памук“ печива. Пивото му дава особена мекост и арома кој го прави неодолив. Можете да ги приготвувате и како сладок леб и во него да додавате суво овошје и јатки по желба. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.