ОД КОГА ГО НАУЧИВ ОВОЈ МЕТОД, НЕ БАРАМ ДРУГ РЕЦЕПТ: Лиснатите пирошки со мелено месо ни се омилени…Крцкави однадвор, сочни однатре…Еве што ви е потребно:

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ:

За тесто:
1 јајце
1 мала чаша масло (125 мл)
1 мала чаша цврст јогурт
1 мала чаша вода
1/2 лажица сол
1 пакетче прашок за пециво
1 лажица оцет
4,5-5 чаши (од 200 мл) брашно по потреба

За премачкување на тестото:
200 грама омекнат путер

За фил:
3 главици кромид
3 лажици масло
500 г мелено месо со средна маснотија
сол
црн пипер
оригано
мелен црвен пипер

За премачкување:
1 жолчка од јајце
1 лажица млеко

ПОСТАПКА:

Најпрво пригответе го филот за да има време да се олади. Во тава со малку масло испржете го ситно сечканиот кромид, посолете и динстајте 3 минути. Додајте го меленото месо и гответе 5 минути на тивок оган со непрекинато мешање. Зачинете и оставете да се лади.

Од сите наведени состојки за тестото замесете средно меко тесто. Откако ќе стане компактно истресете го на работна поврпина и добро измесете го 5 минути додека да стане еластично. Потоа поделете го на два дела, а потоа секој на 6, за да добиете 12.

Од секое парче обликувајте топче и наредете ги на набрашнета површина и покријте ги со крпа за да не се сушат. Потоа секое топче развлечете го со оклагија во тенка тркалезна кора со големина на мала плитка чинија.

Откако ќе ги развлечете корите започнете со нивно премачкување со путер и редење. Путерот треба да биде омекнат за да може лесно да се мачка. Редете по шест кори во два купа, а последната кора одозгора не ја мачкајте.

Спакувајте ги во кеса и оставете ги половина час во замрзнувач или фрижидер колку што е потребно за да се оладат и стегнат.

По изминатото време земете го првото тесто и на малку набрашнета работна површина развлечете го во голема правоаголна кора. Премачкјате го преку цела површина со путер, па исечете го како што е прикажано и здиплете го за да добиете лиснато тесто.

Направете засеци како зраци за да можете да го диплите од лево и десно, па формираната коцка да се превртува долж средината на кората и со секое „растење да се дипли од лево и десно засечените „зраци“.

На крај треба да добиете една коцка која ќе се состои од „илјада“ листови, а кога ќе се испече секој лист посебно ќе се двои.

Кога ќе завршите со диплењето, притиснете малку одозгора со дланките, па тестото повторно завиткајте го во кеса и оставете го во фрижидер повторно да се олади додека го приготвите и другото тесто на ист начин.

Потоа земете го првото тесто и на набрашнета површина развлечете го повторно во голема правоаголна кора. Овојпат исечете го на 9 коцки и во секоја коцка ставете фил од мелено месо.

Виткајте ги ролничките како „сарми“, тоест прво малку подзатворете ги од двете страни за да не истекува филот, а потоа свиткајте ги и со прстите затворете го тестото.

Пирошките наредете ги во плех обложен со хартија, премачкјте ги со изматена жолчка со малку млеко и со остар нож направете тенки, површински коси засеци.

Ставете ги да се печат во претходно загреана рерна на 180 степени додека убаво да заруменат. Можете да ги послужите веднаш додека се топли, но вкусни се и кога ќе се оладат. Видеопрезентацијата погледнете ја ОВДЕ.