Одличен десерт кој можете да го послужувате за празници и други свечени пригоди. Се прави за многу кратко време, не треба да ја вклучувате рерната, бидејќи не се пече, не се користи кондензирано млеко, ниту крем сирење, а путерот е сведен на минимум.

Има одличен вкус, па доколку сте во потрага по некој лесен десерт, испробајте го овој рецепт.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (за калап 18 см): 200 г лешникови наполитани или со чоколадно полнење, 5 белки од јајце, 300 г шеќер во прав, 100 мл вода, 10 г желатин или 15 г агар-агар (растителен желатин-згуснувач), 20 г какао. ЗА ГЛАЗУРА: 100 г чоколадо, 80 г путер

ПОСТАПКА: Наведените состојки се доволни за помала торта со пречник од 18 см. Ако приготвувате поголема торта, тогаш сразмерно зголемете ги состојките. Одберете чоколадни или лешникови наполитанки (или некои по ваш вкус).

Наполитанките сомелете ги со рачен блендер или со „сечко“. Оваа смеса е доволна за да биде основа на тортата. Распоредете ја на дното од калап за торти со пречник од 18 см, претходно обложен за хартија за печење или проѕирна фолија.

Во чаша со 100 мл ладна вода додајте 10 г желатин во гранули или 15 г агар-агар. Промешајте со лажица за да се растворат гранулите и оставете настрана додека желатинот да набубри и да се добие желатинеста материја.

Од пет јајца одвојте ги белките (жолчките смрзнете ги или искористете ги подоцна за некое друго јадење). Белките пенасто изматете ги со миксер, па започнете постепено да го додавате шеќерот во прав додека непрекинато матите.

Матете доволно долго додека да добиете цврст и сјаен снег од белки. Желатинот (кој претходно набубрил) растопете го на пареа или во микробранова печка (не смее да зоврие, туку само да се растопи за да стане течен).

Започнете постепено да го додавате желатинот додека непрекинато го матите снегот од белки. Ова ќе го омекне гнегот и ќе го претвори во полутечна, густа смеса. Половина од добиениот бел крем прелијте преку првиот слој од мелени наполитанки.

Во втората половина додајте 20 г какао (или чоколадо во прав) и изматете со миксер за да се изедначи. Чоколадниот крем прелијте го преку белиот. Со шпатулата или со лажица лесно црпнете неколку пати за да се прошараат белиот и кафеавиот крем.

Тортата оставете ја најмалку половина час во фрижидер за да се стегне. Потоа извадете ја и отстранете го обрачот. Одозгора прелијте со чоколадна глазура од растопено чоколадо помешано со 80 г путер.

Израмнете ја за да се изедначи рамномерно, па оставете ја уште половина час во фрижидер да се стегне. Потоа можете да ја сечете и послужите. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.