Фото и рецепт: Благица Горгиева / Фото: Драгица Манева Невестинската торта ја правеле порано еден ден после свадбата. Ова е најстариот свадбарски македонски рецепт. Еве што ви е потребно:
Потребни состојки:
1 чаша масло
2 чаши гриз
3 чаши шеќер
4 чаши вода
*се користи иста чаша за мерка
Постапка:
Се пропржува гризот со маслото да зарумени, со постојано мешање. Мора да се внимава да не загори.
На страна се вари шербетот: се меша додека да се растопи шеќерот и да зоврие. Некој става и еден ванилин шеќер.
Напомена: оригиналниот рецепт е три шолји шеќер со четири шолји вода, но во поново време помладите домаќинки додадоа уште една, тоест, вкупно пет шолји вода.
Во пржениот гриз постепено може да се додаде и една кесичка сусам и тој да се пропржи, но не мора. Ова по вкус.
Потоа се додава шербетот со постојано мешање. Внимавајте, прска, па затоа бидете претпазливи и намалете го огнот. Кога ќе згусни и ќе почне да се одвојува од ѕидовите на садот, тогаш е готово.
Некои додаваат лешници или ореви или нешто друго по желба, но оригиналниот рецепт е 1,2,3,4.
Смесата се излева во малку намастена тепсија или се прават форми во калап (со задната страна од цедалката за лимон).
Фото и рецепт: Благица Горгиева / Фото: Драгица Манева