Ролатот уште се нарекува и “Мачкини очи”, бидејќи бананите се поставуваат како очи, а и самата форма на ролатот кога ќе се пресече, потсетува на мачка.

Потребни состојки:

5 јајца
1 чаша (од 200 мл) шеќер
1 ванилин шеќер
3 лажици брашно
3 лажици чоколадо во прав
½ прашок за печиво
1 лажица вода
1 лажица масло

За крем:

3 јајца
1 чаша (од 200 мл) шеќер
100 г чоколадо Милка
200 г путер

и уште:

4 банани

Постапка:

Големиот плех од рерна обложете го со хартија за печење и вклучете ја рерната да се загрева на 180 степени.

Одвојте ги жолчките од белките во посебни садови. Од белките изматете цврст снег, а жолчките изматете ги заедно со шеќерот и ванилин шеќерот.

Потоа додадете вода, па масло, па брашно измешано со прашок за печиво и чоколадото во прав. Во оваа смеса додадете го снегот од белки и промешајте со шпатула или лажица.

Добиената смеса излејте ја во плехот и ставете да се пече околу 15-20 минути на 180 степени. Кога бисквитот ќе биде испечен, заедно со кората префрлете го врз влажна крпа па свиткајте ги во ролат спротивните краеви кон средината. Вака оставете ја кората да се лади.

За крем: Изматете ги јајцата и шеќерот на пареа, па кога ќе започнат да се згуснуваат додадете искршено чоколадо Милка на коцки, миксајте и понатаму додека целосно да се растопи )вкупно околу 15-20 минути), па тргнете да се лади.

Додека се лади кремот ќе се згусне уште повеќе, па потребно е повремено да се промешува за да не фати кора. Во изладениот крем додадете пенасто изматен путер.

Одвиткајте ја кората, премачкајте ја со кремот, ставете ги бананите на спротивните страни и свиткајте го секој крај од тестото кон средината. Свртете го ролатот така што спојот да биде на долниот дел. Одозгора премачкајте со остатокот од кремот.

Доколку сакате поголем контраст и да направите црн ролат, тогаш кремот направете го од пудинг од чоколадо во кој ќе додадете дополнително црно чоколадо + путер кога ќе излади, а одозгора прелијте го со чоколадна глазура.

Coolinarika.com