Сите дома имаме ориз, ви требаат само уште добри бои за јајца, пластичен сад и малку трпение. Ефектот кој се добива, можеби потсетува на часовите што ги имавме по ликовно воспитување, кога со четкичките за заби прскавме по хартија со разни бои и го добивавме оној супер ефект.

Можете да работите и само со една боја, но може да комбинирате неколку за поефектен изглед.

Задолжително користете и заштитни ракавици, за да не си ги офарбате и рацете.

Потребни состојки:

-ориз со долгнавесто зрно

-боја за јајца во гел или течна боја за јајца

-пластичен, тркалезен сад со капак, од некој намаз, кајмак или слично (8-10 см)

-заштитни ракавици

Постапка:

Сварете ги јајцата, извадете ги од вода, исушете ги и избришете ги со салветка. Јајцата мора да останат топли, па затоа сè што треба да правите – е веднаш после нивното варење.

Во садот ставете околу 2 лажици ориз. Количината на оризот зависи од садот во кој ги правите јајцата (не се полни до врв).

Преку оризот накапете гел-боја и помешајте убаво за да се обои оризот.

Ставете го јајцето внатре, затворете го и протресете внимателно. Протресувањето се прави за да се офарба јајцето, но тоа правете го добро за да не го скршите.

Протресете само неколку пати за да биде јајцето шарено. Ако го протресувате подолго време, јајцето цело ќе се обои. По потреба, ако забележите дека има празни делови на јајцето, помогнете со прстите и рамномерно обојте го како што сакате. Затоа треба да носите ракавици.

Постепено бојата од оризот ќе се троши, па по потреба додавајте. Ако ви се потроши боја, накапете малку вода колку да се навлажни оризот.

За секоја боја користете посебен сад. Може да комбинирате и две бои: јајцето прво ставете го во едната боја, па потоа во садот со другата боја. Јајцата оставете ги да изладат, па премачкајте ги со малку масло за да добијат убав сјај.