Рецепт и фотографии на Маја-Пг – “Магичен напиток од ѓумбир 3 во 1”. Кинеските морепловци го консумирале ѓумбирот за да не добијат морска болест. Грците го користеле за подобрување на дигестијата и проблеми со стомакот, а кралот Хенри VIII верувал дела ѓумбирот е лек против чума.

Омилениот десерт на кралицата Елизабета бил слаткиот леб од ѓумбир. магичната моќ на ѓумбирот го користела и Шехерезада провлекувајќи го низ “приказните од 1001 ноќ”. Поради оваа негова славна историја, ѓумбирот заслужува да се најде на вашето мени, а јас ви го предлагам овој напиток…

Потребни состојки: 1 свеж корен од ѓумбир со средна величина, 6 шолји шеќер, 10 шолји вода, 1,5 кг лимон. За мерење се користи шолја од 250 мл.

Постапка: Излупете го коренот од ѓумбир (ако го лупите со ноже за лупење компири може да зафатите голем дел од плодот, бидејќи лушпата е многу тенка, па најдобро би било да го лупите со помош на мала лажичка). Потоа ставете го во бледнер и сомелете го.

Во поголемо тенџере соединете ги шеќерот, мелениот ѓумбир и водата. Ставете го тенџерето на оган и загревајте ја течноста додека да зоврие. Кога ќе зоврие тргнете го тенџерето на страна поклопено и оставете го во фрижидер или во ладна просторија да отстои 12 часа.

Можеби најдобро е овој напиток да се приготвува навечер, па изладен напитокот да се остави во фрижидер до следното утро. Откако ќе отстои 12 часа, процедете го низ ситна цедалка или газа. Потоа исцедете го сокот од лимоните и додадете го во процедената течност.

Промешајте добро за да се изедначи напитокот, а потоа складирајте го во стаклени шишиња и чувајте го во фрижидер или на ладно место. За овој рецепт јас користев шолја од 250 мл и добив 4,5 литри густ напиток кој се раствора со обична вода, врела вода, шампањ или бело вино.

Односот за растворување на овој сируп е 1:3, односно во чашата се става 1/3 сируп и се раствора со 2/3 течност. Во топлите денови овој напиток растворен со вода е многу освежителен, а децата го обожуваат со минерална, газирана вода.

Во ладните денови и во текот на настинки и вирози, се раствора со врела вода и се пие како чај, бидејќи на тој начин му се засилува дејството на ѓумбирот, па ги чисти дишните патишта, го олеснува дишењето и ја подига енергијата.

За посебни пригоди со овој напиток може да се приготви и вкусен коктел во комбинација со шампањ (шампањот можете да го замените со бело вино). А доколку овој напиток ви е “пресилен”, тогаш испробајте го следниот рецепт со ѓумбир и нане:

Ова е освежителен и многу вкусен напиток, за чија подготовка ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 лажици рендан ѓумбиров корен, сок исцеден од два лимони, 4 лажици мед, 2 гранчиња свежо нане, 1 литар свежа вода и 500 мл коцки мраз.

Постапката е многу едноставна и лесна: изрендајте го свежиот ѓумбир, исцедете го сокот од лимонот, во водата растворете го медот, па во засладената вода додадете го ѓумбирот, лимоновиот сок, коцките мраз и гранчињата од нане. Добро промешајте.

Напитокот може да помогне и за слабеење, само намалете ја количината на медот. За кој напиток и да се одлучите, пулпата од ѓумбирот после процедувањето не мора да ја фрлите, туку можете да ја искористите за приготвување на мармалад – само згответе го до саканата густина. / Coolinarika.com