Вкусни и меки како душа, кроасани кои имаат вкус на топло млеко. Можете да ги правите со два различни филови. Обично половина тепсија ја подготвувам со фета сирење, а половина со чоколаден крем – нутела. Слатките кроасани по желба можете да ги наросите со шеќер во прав или да ги прелиете со чоколадна глазура, но можете да ги оставите и така како што се, секако се прекрасни.




Домашните прво ми ги јадат солените како за вечера, а потоа преминуваат на благите и стомачињата им се полни, а тие се весели. Не ви се потребни многу состојки за да го замесите тестото, а можете да ги оставате и шупливи однатре, пак ќе бидат превкусни. Еве кои состојки ви се потребни:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ: 1 шолја топло млеко (200 мл), 1 мала шолја вода (100 мл), 1 мала шолја масло (100 мл), 1 голема лажица шеќер, 1 мала лажица сол, 1 кесичка сув квасец (10 г), 4,5 шолји брашно. ЗА ФИЛОТ: фета сирење или некое друго по ваша желба, растопено чоколадо, нутела… ЗА ПРЕМАЧКУВАЊЕ: 1 жолчка.




ПОСТАПКА: Во еден подлабок сад за замесување на тестото ставете го сувиот квасец, додајте 1 голема лажица шеќер и прелијте со топлото млеко, кое треба да биде на собна температура. Промешајте ги нежно состојките со шпатула, додека квасецот да се раствори.




Додајте половина чаша масло, ставете ја солта, па на крајот додајте го брашното. Енергично измешајте ги состојките, додека да почне да се соединува брашното во останатите состојки. Замесете фино и меко тесто, кое не треба да се лепи под прсти. По потреба додајте повеќе брашно.




Замесеното тесто ставете го на набрашнета рамна површина, размесете го во подебел валјак и поделете го на 10 еднакви делови. Секој дел формирајте го во топче и ставете ги топчињата под крпа или најлонска фолија додека размесувате едно по едно, за останатите да не се сушат. Топчињата се оставаат да одморат 10-тина минути.




Секое топче се развлекува на набрашнета површина со помош на прстите, па потоа со оклагија во елипсовиден облик. Развлечете ја кората колку што можете повеќе, да биде тенка. Приближно пречникот на кората треба да биде 35-40 см.




Настрана направете мешавина од 100 мл растопен путер и 50 мл масло. Премачкајте ја развлечената кора со мешавината од масло, како и сите останати кори, кои потоа ќе ги развлекувате. Започнете со стапче или со дршката на една виљушка или лажица да го „плисирате“ тестото со собирање од едната страна (како на сликата подолу), до самиот крај, додека да се склопчи и добие елипсовиден облик.




На едниот крај од тестото ставете го филот од издробено фета сирење или чоколаден крем (направете половина кроасани со сирење, а половина со чоколаден крем). Потоа, од страната на филот започнете да го виткате тестото како за кифлички.

На истиот начин подгответе ги и останатите теста, вкупно ќе ви излезат 10 кроасани. Сите кроасани редете ги во плех, обложен со хартија за печење и пред да ги ставите во рерна, премачкајте ги со малку разматена жолчка. Кроасаните се печат во претходно загреана рерна на 190 степени, 25-30 минути. Деталите од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.