Месото се користи во исхраната на човекот од неговите почетоци и во светот постојат речиси милиони начини за негово подготвување. Но, со текот на еволуцијата човекот се навикнал да јаде мека и термички обработена храна, а со тоа и забите делумно ја промениле својата физиономија, пишува НМД.мк




Затоа денес, секој сака добро испечено парче месо, но истото да биде меко, лесно да се соџвака и да се топи во уста. За таа цел, професионалните готвачи користат најразлични маринади кои имаат за цел да го омекнат месото пред готвењето и тоа да биде сочно и вкусно.




За таа цел најчесто се користат некои кисели намирници како што се: оцет, лимонов сок, сенф, вино, пиво, мешавини од состојки со ароматични билки и слично. Некои месото го наросуваат со сода бикарбона и го оставаат да отстои неколку часа во фрижидер, а други пак, го потопуваат во млеко и го оставаат преку цела ноќ.




Млекото како маринада најчесто се користи за омекнување на црниот дроб. Меѓутоа, најновото гастрономско чудо кое беше откриено неодамна, е маринирање на месото со едно јужно овошје кое никогаш не би ви текнало дека може да послужи за оваа намена, пишува НМД.мк




Имено, станува збор за овошјето киви кое е пребогато со витамин Ц, дури повеќе и од лимонот. Па, доколку сакате парчето свинско или говедско месо кое ќе го зготвите да се стопи во уста, обидете се со едноставниот метод, користејќи киви, со чија помош месото ќе биде исклучително меко.




Сè што треба да направите е да го премачкате месото со тенки лентички/кругови киви и да го оставите да отстои малку пред да го готвите. Исто како и вообичаеното маринирање.

Имено, кивито содржи протеолитички ензими кои помагаат во разградувањето на сврзното ткиво во месото, што го прави многу меко, дури помеко одошто класичните маринади.




Ако сепак го ставате месото во приготвена маринада за да добие на вкус, направете сè според планираното и на крајот додајте го исеченото киви околу еден час, два пред подготовката, пишува НМД.мк




Исто така, важно е месото да не биде предолго покриено со киви, за да не стане премногу меко и да не се pacпадне при подготовката. Ананасот има слично дејство на месото, па наместо киви, можете да го користите и ова тропско овошје.