Рецепт и видео прилог на Бокина Кујна: Торта Бел ангел (Бела торта).

За тортата е потребно да купите готови розен кори од продавница кои се 8 или 10 во едно пакување. Со тоа значително се скратува времето, а добивате прекрасен вкус. Тортата се топи во уста.

Потребни состојки: 1 пакување готови розен кори (10 тенки кори),, 1 литар млеко, 14 лажици шеќер, 200 г пудинг од ванила (3 кесички), 200 г бело чоколадо (Милка), 250 г путер/маргарин на собна температура. За фил 2: 200-400 г шлаг густо изматен со млеко или газирана вода

Постапка: Од еден литар млеко извојте малку за да го растворите прашокот за пудинг, а остатокот заедно со 14 лажици шеќер ставете го на оган. Кога ќе се загрее додадете го белото чоколадо искршено на коцки и промешајте за да се растопи. Кога ќе зоврие млекото (на ниска температура) во него со постојано мешање додадете го разматениот пудинг. Варете додека да се згусне кремот.

Тргнете го на страна целосно да излади. За тоа време изматете го шлагот: правот растворете го со постепено додавање на газираната вода. Треба да добиете цврсти густ шлаг. Путерот пенасто изматете го па постепено, лажица по лажица додавајте го во изладениот пудинг. Матете додека да добиете убав, изедначен и мазен крем.

Врз одговарачка чинија за сервирање на неколку места намачкајте малку фил за да ја залепите првата кора. Филот и шлагот поделете ги на десет еднакви дела за да можете правилно да ги распоредите на сите кори. Прво премачкјате со жолтиот фил во тенок слој, а пото врз жолтиот нанесете шлаг и израмнете.

Ставете ја втората кора и повторете ја постапката додека да го потрошите материјалот. На крај завршете со шлаг и тортата добро изладете ја во фрижидер, најдобро преку ноќ. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото: