I РЕЦЕПТ и видео презентација на CraftTime – Како се прави традиционална јанија. Нашите родители го јадеа ова јадење, па доколку сакате да се потсетите на ова вкусно традицинално јадење, пригответе го во првата пригода и сочувајте го рецептот од заборав.

Има повеќе варијанти за приготвување на јанијата, може да содржи компир, грашок или пак ориз. Во секој случај содржи месо и има богат и вкусен сос. Богато е со многу хранливи состојки, заситно е, го крепи организмот и се јаде на лажица.

За да приготвите ова јадење ќе ви бидат потребни следните состојки: 2 главици кромид со средна величина, 1 кг јунешко или друг вид на месо исечкано на коцки (може претходно да го маринирате), околу 500 мл микс – зеленчуков сос (300 мл доматен сос, 150-200 г црвени пиперки, 1 морков, 1/2 модар патлиџан).

Од зачини ќе ви бидат потребни: сол, сув зеленчуков зачин, црвена зачинска пиперка во прав, црн пипер во прав. Од зеленчук уште ќе ви биде потребно: 1 кг компир исечен на парчиња и 300 г грашок. За запршка: малку масло и 2 лажички црвен пипер во прав.

Постапка: Кромидот излупете го, па исечкајте го на крупни коцкички и ставете го блендер. Ако немате блендер, тогаш едноставно само исечкајте го кромидот што поситно. Со рачен миксер или блендер сомелете го кромидот (дел по дел ако е помал).

Вака блендираниот кромид пропржете го на малку загреано масло и издинстајте го под капак неколку минути. Потоа додадете 150 г јунешко месо исечкано на коцки (може и друг вид на месо), па заедно издинстајте ги. Промешајте, поклопете и гответе на умерен оган.

Миксот од доматен сос со пиперки, модар патлиџан и моркови изблендирајте го со рачен миксер, а доколку немате ваква “домата” од зимница, тогаш издинстајте ги на тивок оган додека да омекне зеленчукот и да се соединат вкусовите. Посолете и зачинете по вкус.

Во динстаното месо со кромид додадете го доматниот сос, па промешајте и продолжете да готвите на умерена температура, под капак. Зачинете со лажичка сув зеленчукот зачин (вегета), црвен пипер и црн мелен пипер по вкус. Оставете вака да се динста уште малку.

За тоа време измијте еден килограм компир, излупете го и исечете го на парчиња. Месото со сафтот префлете го во длабоко тенџере или огноотпорен сад, па додадете го исечениот компир и уште 300 г грашок. Ако користите смрзнат грашок, претходно измијте го и исцедете го.

Промешајте и оставете да се готви додека ја приготвувате запршката. Во малку загреано масло ставете две лажички црвен пипер во прав, промешајте половина минута за да се запржи и прелијте ја запршката врз јадењето. Промешајте го јадењето.

Поклопете го со капак или фолија и ставете го во рерна да се пече на 180 степени околу 3 часа. за тоа време сите вкусови ќе се изедначат, а месото ќе омекне и ќе се топи во уста. Сите детали од целата постапка можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.

II РЕЦЕПТ – ЈАНИЈА – Вкусно вариво од едноставни состојки. Рецептот е со телешко месо, но ова јадење е одлично и ако се приготви со кокошкино месо од домашни кокошки. Навистина е многу вкусно и заситно, доволно е количински за целото семејство.

Потребни состојки: 4 главици кромид, 4 чешниња лук, 700 г телешко од бут, 1 поголем домат или 2 помали, 1 лажица сув зеленчуков зачин (вегета), црн пипер, ловоров лист, 1 лажица црвена мелена зачинска пиперка, 1 шолја од 120 мл ориз.

Постапка: Телешкото месо измијте го и исцедете го, па избришете го со хартиена салветка. исечете го на парчиња со големина по ваша желба. Месото пропржете го на загреано масло (околу 100 мл масло). Кога месото малку ќе зарумени од сите страни, извадете го на страна.

Во истото месо во кое се пржеше месото, ставете го кромидот претходно изчистен и исечкан на ситни коцкички. Кога ќе омекне и застакли, вратете го месото во кромисот, пропжете ги малку заедно, па додадете го доматот исечен на коцки, ситно исечканиот лук и продолжете со готвење.

Динстајте го месото заедно со зеленчукот со постојано мешање додека да испари течноста. Потоа додадете ги зачините и добро промешајте за да се изедначат вкусовите. Целото јадење прелијте го со топла вода (не премногу, прст-два над состојките).

Поклопете го тенџерето и гответе на тивок оган неколку часови додека месото целото да омекне (времетраењето зависи од видот на месото, некогаш е доволно еден час, а некогаш два-три часа). Проверете со виљушка дали е варено. Кога е сварено додадете го претходно измиениот ориз и варете уште 15-тина минути. / Coolinarika.com