Колач кој се топи во уста, се состои од вкусен крем, шлаг и подлога од бисквити. Предлог рецептот со видеото е на нашата драга членка Станислава Јанева од групата НМД рецепти.

Потребни состојки: 2 јајца, 6 лажици шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 литар млеко (200 мл+800 мл), 7 лажици густин, 200 г путер, 200 г шеќер, 200 г шлаг крем во прав, 2 лажици шеќер, 200 мл ладно млеко, 200 г бисквити + малку млеко за натопување

Постапка: во еден подлабок сад се ставаат две цели јајца, шест лажици шеќер, една кесичка ванилин шеќер и 200 мл млеко. Сите состојки убаво се матат со жица за матење, додека да се изедначат. Потоа се додаваат седум лажици густин и убаво се размешува до изедначување.

Остатокот од млекото (800 мл) се става на оган, па откако ќе зоврие се додава смесата со густин, се намалува температурата и постојано се меша додека да згусне. Потоа се трга на страна и се остава да излади со повремено промешување за да не фати коричка.

Со миксер пенасто изматете го путерот (кој претходно сте го оставиле исечкан на листови, на собна температура) со шеќерот во прав. Во изматениот путер додајте го целосно изладениот крем и повторно убаво измиксајте додека да се соединат.

Во друг сад ставете 200 г шлаг крем од кесичка, 2 лажици шеќер и 200 мл ладно млеко, па со миксер изматете додека да добиете цврст шлаг крем.

Во обложен калап со хартија или проѕирна фолија, наредете бисквити (3х4) кратко натопувани во млеко. Врз бисквитите рамномерно распоредете го кремот и израмнете.

Врз кремот ставете половина од шлаг кремот, па наредете уште еден ред бисквити, исто така, кратко натопувани во млеко. Одозгора нанесете го остатокот од шлагот и украсете со рендано чоколадо. Пред послужување колачот изладете го најмалку три часа во фрижидер.

Целата постапка можете да ја погледнете во видеото: