Вкусните мали крофнички кои ги нарекуваат и „пампушки“ може да се прават во слатка или солена варијанта, растат големи од квасецот кој го има во иста количина како во рецептот за крофнички. Не одземаат многу време, а сите ќе ве прашуваат од каде ви е рецептот.




Во продолжение може да прочитате уште еден рецепт за многу убави мини крофнички кои се прават на сличен начин како и првите. Потоа, запишете си ги рецептите и одберете со кој ќе ги изненадите вашите сакани. Еве што ви е потребно:




ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ПРВ РЕЦЕПТ): 500 г брашно, 250-300 мл млако млеко, 1 лажица ситен шеќер, 1 ванилин шеќер, прстофат сол, 1 жолчка од јајце, 15 г путер или маргарин, малку рендана кора од лимон за цитрусен вкус, масло за пржење, 25 г свеж квасец.

ПОТРЕБНИ СОСТОЈКИ (ВТОР РЕЦЕПТ): 430 г бело брашно, 2 јајца, 2 лажици млеко во прав (ако немате, тогаш додајте 4 лажици обично млеко и зголемете го брашното за 2-3 лажици), 1 лажица шеќер, 1 лажичка сол, 1,25 лажички сув квасец, 170 мл вода, масло за пржење, мешавина од ситен шеќер и цимет за валање на крофничките.




ПОСТАПКА (ПРВ РЕЦЕПТ): Во млекото ставете прстофат шеќер, сол и квасец, промешајте и почекајте да ферментира. За тоа време во друг сад подгответе го брашното, па направете вдлабнатина во која треба да ја додадете жолчката од јајце, ванилиниот шеќер, малку рендана кора од лимон, остатокот од шеќерот.




Кога работите тесто со квасец имајте во предвид дека сите состојки треба да бидат млаки или на собна температура. Соединете ги состојките, па во оваа смеса додајте ја смесата од квасец, а кога ќе се формира тестото се додава путерот/маргаринот и се меси уште малку колку да се инкорпорира и измазни површината. Тестото се покрива со кеса или стреч-фолија и се остава да ферментира додека да го удвои волуменот.




По извесно време, развлечете го тестото со оклагија со дебелина од 1 см и со калап или чашка вадете кругови и оставете ги настрана да нараснат, на тополо место, 15-тина минути.

Во едно тенџере ставете длабоко масло на рингла и кога ќе се загрее, спуштајте ги крофничките да се испржат од двете страни по неколку минути додека да заруменат. На средина филувајте ги со измиксана белка од претходно издвоеното јајце измешана со малку шеќер или врел шеќерен сируп. / Сoolinarka.com




ПОСТАПКА (ВТОР РЕЦЕПТ): Од оваа доза излегуваат 78 мини крофни. Напомена: Тестото мора да биде меко. Замесете меко тесто од брашно, квасец, сол, шеќер, јајца, млеко во прав и млака вода, по потреба додајте уште брашно за да се формира тестото, па месете уште 5 минути.




Тестото ставете го во набрашнет пластичен сад и покријте го со пластична фолија или кеса и оставете го да стасува 1 час на топло место. По 1 час истресете го тестото на рамна работна површина и уште малку размесете го.

Потоа, развлечете го тестото со дебелина од 1-1,5 см. Со тркалезна модла со дијаметар од 4см (или мала чаша за ракија), вадете кругови и ги ставате на подмачкана хартија за печење. Останатото тесто повторно се замесува и од него се вадат кругови тесто и така се повторува процесот во неколку наврати, додека да се потроши.




Кога сите крофни ќе се на хартијата во плехот, по желба избоцкате ги во средината со дршка од лажица или чисто дезинфицирано хемиско пенкало. Избоцкајте ги сите крофнички, а потоа остатокот од тестото што ви останало на пенкалото исчистете го со помош на чепкалка.

Оставете ги да отстојат на подмачкана хартија за печење уште половина час. Подгответе широк сад во кој ќе го наполните до половина со масло. Како ќе знаете кога маслото е доволно загреано? Ставете коцка леб во маслото и ако почне да испушта крцкав звук, значи дека температурата е превисока, па намалете ја малку.

Крофните се пржат додека да добијат убава златнокафеава боја од двете страни, се вадат со решетка и се ставаат на хартија да се исцедат од вишокот масло. Потоа извалајте ги во мешавина од ситен шеќер и цимет, па послужете ги. / Сoolinarka.com