Виенски гулаш со кнедли, најубавиот гулаш на светот! Дел од детството го поминав во Авсрија, а овој гулаш често го имавме на маса, според рецептот на еден познат виенски готвач.

Потребни состојки: 800 г говедско за гулаш (врат, грб, може мешано), 3 главици кромид, 3-4 лажици црвена мелена пиперка, 2 лажички лута црвена пиперка, 50 мл винска бела киселина, 3 чешниња лук, сончогледово масло, 2 лажици ким во прав,

3 ловорови листови, 2 лажици мајоран, 2 лажици концентриран домат, 1 лимон – тенко излупена кора, 2 коцки говедска за супа (или 1 лажица во прав), 1 литар вода, 2 лажички свежо мелен црн пипер и сол

За кнедли од леб: 4-5 парчиња леб, 2 јајца, 3 лажици гриз, 3 лажици рендан кашкавал, 300 мл млеко, 3 лажици брашно, ½ чажичка мускатно оревче, ½ лажичка ким, 3-4 лажици магдонос, ½ главица кромид, сончогледово масло, сол, црн пипер

Постапка: сите состојки се важни, бидејќи сите заедно го даваат тој карактеристичен вкус на гулашот, затоа не ја исфрлајте или намалувајте количината на било која состојка. Исто така, внимавајте на количината, каде е лажица, а каде лажичка (лажица = 15 мл, лажичка = 5 мл).

Користете поголемо тенџере+лонец. Ставете масло колку да биде прекриено дното. Кога ќе биде загреано маслото, додајте го месото исечкано на мали парчиња. Не го ставајте одеднаш целото месо, туку пржете го дел по дел.

Ако го ставите целото месо одеднаш, тоа ќе испушти сок и од него тоа ќе се свари и ќе биде потврдо. Затоа, пржете го кратко на врело масло, на две-три тури. Пржете го околу 1-2 минути, колку месото малку да потемни, но само однадвор. Вадете го на чинија.

Во истото масло додајте го сечканиот кромид. На средна температура пржете го кромидот околу 10 минути. Треба да добие светлокафеава боја. Внимавајте температурата да не е превисока и да не ви загори кромидот. Никако немојте да го пржите пократко од 10 минути. Повремено промешувајте.

Додајте концентриран доматен сос и ким, па пржете уште 30 секунди. Вратете го месото во тенџерето и промешајте го со кромидот. Додајте вода во која сте растопиле говедски коцки за супа заедно со оцет. Промешајте.

Сега додајте ги сите останати состојки одвен лимоновата кора и лукот, па добро промешајте. Гответе на тивок оган 1,5 час. Повремено проверувајте дали треба да дотурите вода.

Последните 15 минути додајте ситно сечкана лимонова кора и лук (лукот не се пржи на почетокот заедно со кромидот). Малку вкусете и проверете дали е потребно да се досоли. Кората од лимон излупете ја со ноже за компир, а потоа ситно исечкајте ја.

Кога е готово, месото треба лесно да се распаѓа под притисок на виљушката. Сосот треба да биде густ, ако е прегуст додајте вода и варете 2-3 минути, а ако е прередок, тогаш никако немојте да додавате брашно за да се згусне, туку само продолжете го времето на готвење и не го поклопувајте.

Оставете го гулашот да отстои 20-30 минути пред сервирање. Освен со кнедли како што е во оригиналниот рецепт, можете да го послужите со тестенини, компири или самостојно.

Рецепт за кнедли: Издробете го лебот на помали парчиња, ставете ги во подлабок сад и прелијте ги со топло млеко (не врело). Оставете да го впие 15-20 минути.

Во тава пропржете ситно исечкан кромид и потоа додајте го лебот и млекото. Промешајте. Сега додајте јајца, магдонос, рендан кашкавал, ким и мускатно оревче. Малку посолете и запиперете. Добро промешајте.

Додајте гриз и продолжете да мешате. Додајте брашно по потреба, колку да се добие густа смеса. Кнедлите се прават така што со раце се формираат топчиња. Јас ја оставив смесата помека, па кнедлите ги вадев со лажица. Ставајте ги со голема лажица во зовриена вода. Кога ќе испливаат на површина варете ги уште 2-3 минути и потоа редете ги исцедени во чинија.