Прекрасни, вкусни, ледени бомбици со лешници и вкус на ванила.

Потребни состојки:

500 мл млеко
2 пудинзи од ванила или чоколадо (2х40 г)
2 ванилин шеќер
8 полни лажици шеќер
200 г путер или маргарин
250 г мелени лешници/мак/рогач/ореви

за глазура:

200 г чоколадо
5 лажици масло
за декорација: 50 г млечно чоколадо

Постапка:

Во 200 мл млеко разматете го прашокот за пудинг, а преостанатите 300 мл ставете ги во тенџере со шеќер и ванилин шеќер. Сварете го пудингот со постојано мешање додека да згусне, а потоа оставете го настрана да излади со повремено мешање (да не фати коричка).

Путерот на собна температура исечете го на коцки или ленти, па изматете го пенасто со миксер. Додавајте лажица по лажица од ладниот пудинг и матете додека убаво да се соедини.

Во кремот додадете 250 г лешници и промешајте со лажица или шпатула, па оставете го во замрзнувач најмалку половина час, за убаво да се разлади и стврдне (да може топчињата убаво да се формираат).

Со влажни раце обликувајте ги бомбиците и редете ги во послужавник обложен со проѕирна фолија (така помалку се лепат).

Вака обликуваните бомбици ставете ги во замрзнувач околу 30-тина минути убаво да се стегнат (на тој начин и глазурата побрзо се лади кога таа ќе се нанесе).

Глазура: Додека се ладат бомбиците, ставете го чоколадото со малку масло на пареа и мешајте додека да се растопи. Оставете го малку да излади.

Изладените бомбици боцкајте ги на виљушка, натопувајте ги во растопеното чоколадо и редете ги повторно на послужавник додека убаво да се исцедат.

Кога глазурата ќе се стегне, може да се декорираат со растопено млечно чоколадо: Се растопува во кеса за замрзнување на која и се отсекува еден врв, па топчињата се шараат или прскаат по ваша желба. Потоа се сервираат во хартиени салветки.

Напомена: Смесата е малку леплива и затоа најдобро е да се навлажнат рацете со вода пред обликување и смесата добро да се излади.

Бомбиците се многу вкусни и просто се топат во уста. Кога ќе ги извадите од замрзнувач, веќе за 20-тина минути може да се послужат. Од оваа мерка излегуваат 50 големи бомбици, со величина на Фереро Рошер топчињата.