За Нова година и Божиќ задолжителна е баклавата, една од највкусните шербетни колачи. Баклавата класично се приготвува со многу ореви и редени кори, сечена во вид на ромбови, но може да се витка како ролнички, да се гужва со набори, да се прави како полжавчиња…

Овојпат се одлучивме за два рецепти за баклава во ролнички кои навистина се многу вкусни и богати со фил. Прв рецепт – Баклава ролнички со ореви и гриз – Посно. Потребни состојки: 500 г тенки кори. За фил: 300 г мелени ореви, 100 мл масло, 100 мл вода, 2 кесички ванилин шеќер, 4 лажици шеќер, 4 лажици пченичен гриз.

За премачкување: 150 г маргарин/путер, 50 мл масло. За сируп: 500 мл вода, 350 г шеќер и 1 лимон. Постапка: Состојките за фил измешајте ги. Растопете го маргаринот, па додадете масло. Раширете една кора, премачкајте ја со две лажици од преливот, врз неа ставете втора кора.

Оваа кора премачкајте ја со една лажица прелив. На едниот крај од кората ставете фил, добро притиснете за да не се растура, па започнете со виткање во цврст ролат. Вака приготвените ролати редете ги во голем намастен плех, а потоа исечете ги на помали ролнички со величина по ваша желба.

Одозгора добро премачкајте ја целата баклава со преливот, па ставете да се пече во претходно загреаната рерна на 200 степени околу половина час. Печењето мора да го прилагодувате според вашата рерна. Обично се загрева на најсилно, па откако ќе се стави да се пече температурата се намалува (од 250 на 200) и пред крај се намалува уште малку по потреба.

Печената баклава оставете да излади, а потоа прелијте ја со врел шербет. За шербет: Ставете да се свари шеќерот со водата и лимонот исечен на тркалца, околу 15 минути откако ќе зоврие. Прелиената баклава оставете ја најмалку 4 часа да отстои, а најдобро до следниот ден. Уживајте во оригиналниот рецепт ОВДЕ.

Втор рецепт – Баклава во ролнички со плазма и ореви – неодолива. Рецепт и видео презентација на “Ризница тајни”- Баклава во ролнички со плазма и ореви. Сите ја сакаат класичната редена баклава која се приготвува само од ореви, но ова е една верзија која навистина го заслужува вашето внимание.

Се витка во ролнички и многу е сочна и вкусна. Потребни состојки: Кори за баклава, 200 г мелени ореви, 200 г мелена плазма, 2 лажици шеќер, 4 лажици гриз, 100 мл масло, 1 шолјичка лимонов сок и уште: 100 мл маслои 100 г путер/маргарин. За сируп: 600 г шеќер, 1 ванилин шеќер, 1 лимон и 700 мл вода.

Постапка: Најпрво пригответе го сирупот за да има време да излади: Во еден сад ставете 600 г шеќер и налијте со 700 мл вода. Варете го 20 минути па пред крајот додадете една лажичка ванилин шеќер и еден лимон исечкан на парчиња. Тргнете го на страна да се лади.

Во подлабок сад измешајте ги мелените ореви, мелената плазма, гризот и останатите состојки. Добро соединете за да се изедначат состојките. На страна измешајте ги растопениот путер и маслото. Отворете ги корите: Една кора премачкајте ја преку целата површина со мешавина од масло и путер.

Потоа поклопете ја со втората кора и повторете ја постапката. На едниот крај наредете фил, па внимателно започнете со виткањето на ролната. Постапката продолжете ја додека имате материја, а тенките ролнички редете ги во намастен плех. Исечете ги на големина по ваша желба, а потоа премачкјате ги со остатокот од растопен путер и масло.

Ставете да се пече во загреана рерна на 200 степени околу 20 минути, а потоа уште половина час на 150 степени. Печената баклава прелијте ја со претходно приготвениот сируп. Оставете ја убав да го впие сирупот, изладете ја и послужете ја. Деталите од постапката можете да ги погледнете во видеото ОВДЕ.